Со задоволство Ве информираме дека на 24 јуни (петок) о.г. Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје ќе бидe домаќин на петчлена делегација од Националната библиотека на Народна Република Кина, во состав: г. Чен Ли, заменик извршен директор на Националната библиотека на Кина, г-ѓа Ма Џинг, заменик директор за меѓународна соработка, г. Шје Чјанг, заменик директор на секторот за општи работи и управување, г-ѓа Ванг Јанг, заменик директор за набавка на библиотечен материјал и обработка, г. Хао Џинмин, библиотекар во меѓународна соработка.
Во организација на Австриската национална библиотека, на 30 и на 31 мај о. г., во Виена, се одржа 30-тата Конференција на директорите на националните библиотеки од Европа CENL (Conference of European National Libraries). Директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” - Скопје, д-р Иван К. Заров, ја претставуваше Република Македонија.
Утре (31.5.2016 г./вторник), со почеток во 12 часот, во Центарот за конференции и студии ќе се одржи седмиот настан во рамки на серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Настанот е насловен „100 ГОДИНИ ДАДАИЗАМ - РАЃАЊЕ НА АВАНГАРДНИОТ РОМАН“ и ќе биде посветен на француската книжевност.
На творечките принципи на дадаистите и авангардниот роман ќе се осврне книжевниот критичар, теоретичар и писател Данило Коцевски.
Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје свечено се одбележа 23 април - Светскиот ден на книгата и авторското право. По овој повод, а во чест на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски и 400-годишнината од смртта на Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир, беше подготвена богата програма.
Во поздравната реч директорот на Библиотеката д-р Иван К. Заров, порача, дека со чествувањето на книгата се чествува колективната историска меморија на човештвото. За св. Климент Охридски истакна дека е личност која со силата на сопствениот творечки гениј ги пренесува, синтетизира и издигнува, на повисоко ниво, идеите на византиската цивилизација на старословенски јазик, воведувајќи го словенскиот род во семејството на цивилизирани европски народи.
Денеска, 12 мај 2016 г., во 12 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, ќе се одбележи 65-годишниот јубилеј на списанието за литература и култура „Современост“.
Во рамки на одбележувањето ќе се обратат д-р Иван К. Заров, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, м-р Славчо Ковилоски, главен и одговорен уредник на „Современост“ и писателот и публицист Мишо Китановски.