Во периодот од 6 до 8 ноември 2024 година, петнаесетчлена делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје оствари билатерална работна средба со претставници од Националната библиотека „Св. Св. Кирил и Методиј“ во Софија, Република Бугарија.
Во пријателска и професионална атмосфера беа разменети искуства, практики и можни решенија за надминување на тековните предизвици со кои се соочуваат двете национални библиотеки, со посебен акцент на:
• конзервацијата и реставрацијата на библиотечниот материјал,
• дигитализацијата и каталогизацијата,
• складирањето и заштитата на фондот,
• унапредување на библиотечните услуги и работата со корисници,
• како и продлабочување на меѓународната соработка и размена.
Во рамките на посетата, НУБ ја постави изложбата „Промоција на културното наследство на иновативен начин“, која предизвика голем интерес и позитивни реакции кај присутните.
На свеченото отворање на изложбата присуствуваше и амбасадорката на Република Македонија во Бугарија, г-ца Агнеса Руси Поповска, која ја поздрави иницијативата за меѓународна соработка меѓу двете институции, истакнувајќи ја нејзината важност за градење мостови на професионализам и меѓусебно разбирање.
Националната и универзитетска библиотека изразува длабока благодарност до директорката проф. д-р Красимира Александрова и колективот на Националната библиотека на Бугарија за поканата, срдечниот прием и вложениот напор во организацијата на средбата.
Националните библиотеки на Македонија и Бугарија остануваат посветени амбасадори на културната соработка и во иднина ќе продолжат со заеднички проекти, активности и позитивни иницијативи.