Menu Close

За издавачи

Откријте зошто вашите изданија треба да содржат CIP, ISBN, ISSN, ISMN, и други информации

Што е задолжителен примерок на публикации?

Доставувањето македонски задолжителен примерок заради заштита, чување и давање на користење, е работа од јавен интерес, регулирана со Законот за издавачка дејност примерок т („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14 и 152/15 ; „Службен весник на РСМ“ бр. 103/21 ; „Службен весник на РСМ“ бр.3/25), Задолжителниот примерок се заштитува, чува и користи според прописите за посебна заштита на предмети од посебно културно и историско значење.

За задолжителен примерок се сметаат публикации печатени или умножени во РС Македонија, односно публикации од македонски издавачи печатени или умножени во странство. Задолжителниот примерок ги опфаќа следните видови публикации:

  • книги;
  • брошури;
  • периодични публикации;
  • патенти, стандарди;
  • каталози, телефонски именици, календари;
  • плакати, летоци, програми, проспекти;
  • обрасци, поштенски марки, таксени марки;
  • ЦД, ДВД и друга електронска граѓа;
  • нотни записи;
  • репродукции на ликовни дела и цртежи;
  • картографски материјали;
  • разгледници, фотографии, дијапозитиви;
  • носачи на звук (ЦД, ДВД, аудио касети, грамофонски плочи, магнетни и други ленти);
  • мултимедијална граѓа;
  • други слични дела што се умножуваат на друг начин и се наменети за јавност.

Публикација во смисла на овој закон е и носач на слика и тон (тонска копија на филмска лента, видеолента и друго), што се умножува и е наменет за јавност. За задолжителен примерок се сметаат и магистерски тези, докторски дисертации и државни пари (банкноти и монети).

Мисија на задолжителниот примерок

Македонскиот задолжителен примерок, забележената информација, како трансмисија и колективна меморија за духовните вредности на Македонија и Македонците, е огледало, одраз и печат на македонската национална култура. ЗП истовремено е составен дел во мозаикот на светската заедница на култури и цивилизации. Оттаму, тој претставува влог што се остава како наследство на идните генерации, претпоставка од витално значење за зачувување и афирмација на нашата национална и културна посебност и дострели.

Цели на задолжителниот примерок

  • Трајна заштита и зачувување на националното книжно или поинаку публикувано наследство;
  • негова стручна обработка, презентација и користење;
  • меѓународна промоција и афирмација на националното книжно или поинаку публикувано богатство, преку вклучување во класични и мрежно достапни системи на информации;
  • подготовка на секундарни информациски извори и нивно користење;
  • остварување на библиотечната функција на јавен информациски и референтен сервис;
  • обезбедување универзален достап до публикации, како резултат на претходните перформанси.

Кој доставува задолжителен примерок?

Задолжителниот примерок го доставува печатарот на задолжителниот примерок. Во случај кога во печатењето, односно умножувањето на публикацијата учествуваат повеќе печатари, задолжителниот примерок го доставува последниот печатар. Во случај кога публикацијата се печати, умножува, односно довршува во странство, задолжителниот примерок го доставува издавачот од РС Македонија, пред да започне дистрибуцијата на публикацијата.

Магистерските тези и докторските дисертации ги доставуваат универзитетите во РС Македонија. Примероците на државните пари (банкноти и монети) ги доставува Народната банка на РСМ.

Кога се доставува?

Задолжителниот примерок се доставува веднаш по завршувањето на печатењето, односно умножувањето на публикацијата, а пред дистрибуирањето. За публикациите издадени во странство доставувањето се врши непосредно по увозот, а пред пуштање во промет. Задолжителниот примерок се доставува во идентична состојба во која публикацијата ќе биде дистрибуирана.

Колку примероци се доставуваат?

Печатарот, односно издавачот е должен да достави:

  • 5 примероци, за секој јазик/писмо на исто издание;
  • 5 примероци, за секое повторено печатење/умножување;
  • 1 примерок на магистерски и докторски трудови;
  • 1 примерок на носач на слика и тон;

Каде се доставува задолжителниот примерок?
Печатените и на друг начин умножени публикации се доставуваат до Националната и универзитетска библитека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како централна депозитна библиотека. Од доставените примероци:

  • • 1 примерок се депонира, заштитува, обработува и чува како архивска граѓа;
  • • 2 примерока се депонираат, заштитуваат, обработуваат, чуваат и даваат на користење.

Преостанатите 2 примерока, по еден примерок, се испраќаат во депозитните библиотеки НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола и НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ од Штип, каде што се депонираат, заштитуваат, обработуваат и чуваат како архивска граѓа, и не се достапни за користење.

Задолжителниот примерок од магистерските, односно докторските трудови се доставува до Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, веднаш по нивната одбрана.

Задолжителниот примерок од носачите на слика и тон (тонска копија на филмска лента, видеолента и друго) се доставува до НУ Кинотека на Македонија. Новите изданија на државните пари како задолжителен примерок се доставуваат во 3 примероци до НУ Музеј на Македонија.

 

Увид во продукцијата

Секој печатар е должен да доставува извештај на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, односно на НУ Кинотека на РС Македонија за сите печатени, односно умножени публикации, секои 3 (три) месеци.

Секој издавач со седиште во РС Македонија е должен да доставува извештај на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, односно на НУ Кинотека на РС Македонија, за сите печатени, односно умножени публикации во странство, секои 3 (три) месеци.

Контакт:
тел: 3115-177, л. 125

Што е ЦИП

ЦИП – запис (CIP-запис) (Cataloguing in publication – кaталогизација во
публикација) е меѓународно препознатлив, стандардизиран библиографски опис изработен за публикацијата пред нејзиното издавање. Изработката на ЦИП-записот е заемна обврска на издавачите во РСМ и на Националната библиотека („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14 и 152/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 103/21). Согласно со Законот, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје има ексклузивно право во изработувањето на ЦИП-записите.

Што обезбедува ЦИП-записот

ЦИП-записот обезбедува содржинско и формално претставување на македонската книга на корисници што не го познаваат македонскиот јазик – афирмација на националната издавачка продукција, универзален достап до информациите, едновремен со нивното публикување, забрзување на протокот на информациите преку скратувањето на времето на нивното создавање, стандардизација на библиографскиот опис, реализација на библиографската контрола, помош на библиотеките без соодветен кадар во стручната обработка на публикациите и одржувањето каталози.

Публикации за коишто се изработува ЦИП-запис

  • Книги;
  • зборници;
  • нотни записи;
  • носачи на звук (ЦД, ДВД, аудиокасети, магнетофонски, магнетни и други ленти и сл.)
  • мултимедијална граѓа (ЦД, ДВД и др.)
  • атласи, географски карти, просторни планови

Публикации за кои не се изработува ЦИП-запис

  • Периодични публикации
  • рото-романи, сликовници без текст
  • текстови за интерна употреба и текстови во подготовка (тези, преднацрти, нацрти, предлози)
  • ефемериди (адресари, именици, извештаи)
  • рекламни публикации, проспекти
  • уметнички и други програми
  • ценовници, тарифи
  • упатства за ракување и одржување
  • плакати, летоци, покани
  • патенти, стандарди
  • ѕидни и сл. Календари

Изготвување на ЦИП-запис

За да се изготви ЦИП-запис за публикација издавачот е должен да достави пополнето барање за издавање ЦИП-запис и конечна верзија на материјалот за ЦИП-запис (во електронска или печатена форма).

За изготвување на ЦИП–запис за монографски публикации, издавачот е обврзан да плати надомест во висина од 600,00 денари согласно со Ценовникот за користење услуги во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

За ЦИП-записи со класификација според УДК за статии и прилози во сериски публикации, согласно со Ценовникот, се наплаќа следниот надомест: до десет статии 400,00 ден., над десет статии 600,00 ден. За ЦИП-записи со класификација според УДК за статии и прилози во монографски публикации не се наплаќа, бидејќи претходно е платен ЦИП-запис за самата монографска публикација.

Надоместот се плаќа пред изготвувањето на ЦИП-записот, директно во службата за книговодство на Библиотеката или со образец ПП 50, на трезорската сметка на НУБ „Св. Климент Охридски“, кој треба да се достави како доказ за направената уплата. ЦИП-записот може да се плати и на фактура.

Уплатница за ЦИП

ЦИП-записот се изготвува во рок од 7 дена од денот на поднесувањето на барањето.

ЦИП-записот се објавува во интегрален облик или како идентификациски број под кој се води во електронската база на податоци на Националната библиотека, и тоа графички воочливо и одвоено од останатите податоци на публикацијата.

Потребните документи за изработка на ЦИП–запис треба да се испратат на следниве електронски адреси:
cipnub@nubsk.edu.mk (за монографски публикации)

bibliografii@nubsk.edu.mk (за ЦИП-записи со класификација според УДК за статии и прилози во сериски публикации)

Издавачите кои сакаат статиите во зборниците аналитички да бидат обработени, потребните документи, покрај на cipnub@nubsk.edu.mk, треба да ги достават и на bibliografii@nubsk.edu.mk

Доколку имате потреба од дополнителни информации, можете да се обратите на следниве телефони:
02/3115-177, локал 118 или 02/3133-418 (за ЦИП-запис за монографски публикации, лице за контакт: Габриела Крстевска)

02/3115-177, локал 151 и 078/ 378387 (за ЦИП-записи со класификација според УДК за статии и прилози во сериски публикации, лице за контакт: Софче Марковиќ)

Што е ИСБН
ИСБН (ISBN) е меѓународен стандарден број за книги (international standard book number) за идентификација на секоја пооделна книга (монографска публикација) со помош на бројки.

ИСБН е единствен и незаменлив број кој се однесува само за еден наслов, односно за неизменето издание на еден ист наслов од ист издавач.

ИСБН се доделува на публикациите под контрола на Меѓународната Агенција за ИСБН во Лондон.

Какви податоци содржи ИСБН

ИСБН е составен од префиксот „ISBN“ и број од тринаесет цифри, распоредени во пет целини/групи, кои се меѓусебно разделени со цртичка или проред, според следниот редослед:

  • првата група на цифри претставува префиксниот елемент 978 кој се добива според EAN International;
  • втората група на цифри ја означуваат националната, географската или јазичната целина;
  • третата група на цифри се однесува на издавачот во рамките на првата целина;
  • четвртата група на цифри е идентификационен број на конкретниот наслов на публикацијата што ја издава еден одреден издавач;
  • петтата група е еднозначен контролен број.

Пример: Книгата Linear and Nonlinear Models што е објавена од Walter de Gruyter во Берлин ја има следнава ознака:

ISBN 978-3-11-016216-5

978 – префикс на ИСБН
3 – меѓународен број за германско јазично подрачје
11 – ознака за издавачот (издавачки код/идентофикатор)
016216 – ознака за насловот
5 – контролен број

Означувањето на секоја книга со ИСБН, која се вклучува во Меѓународната автоматизирана база, овозможува да се утврди:

  • државата или јазичната целина во рамките на која е објавена книгата;
  • назив на издавачот на публикацијата;
  • насловот на публикацијата, свеската и изданието.

Должината на ИСБН ознаката за издавачот (издавачки код/идентификатор) се определува според обемот на неговата издавачка продукција: издавачи со поголема продукција добиваат покуса издавачка ознака/код, а оние со помала издавачка продукција добиваат подолга издавачка ознака/код.

Кој доделува ИСБН во РС Македонија

Агенцијата за ИСБН на РС Македонија, која се доделува во рамките на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ги доделува ИСБН ознаките за издавачите во нашата земја.

Кои публикации добиваат ИСБН
ИСБН по правило добиваат:

  • печатени книги и брошури;
  • публикации на Брајово писмо;
  • публикации кои од страна на издавачот не се одредени редовно да се ажурираат или бескрајно продолжуваат;
  • атласи и карти;
  • образовни/инструктивни филмови, видеа и објави;
  • аудиокниги на касети, ЦД, ДВД;
  • електронски публикации во цврста форма (машински читливи ленти, ЦД-ром) или на интернет;
  • микроформни публикации;
  • едукативно-инструктивни софтвери;
  • мултимедијални публикации (основа е текст)

ИСБН по правило не добиваат:

  • весници и списанија;
  • музикалии;
  • сепарати од списанија;
  • графички листови и графички мапи без насловна страница и текст;
  • рекламни материјали (каталози за продажба, каталози на книги и уметнички каталози без библиографска вредност, производни програми, ценовници, проспекти, упатства за употреба, технички упатства, покани);
  • плакати, ѕидни весници и летоци;
  • театарски, концертни и други програми за приредби;
  • каталози за изложби без подолг текст;
  • наставни програми и школски планови за работа и планови на други образовни институции, извештаи и други школски материјали во облик на ракопис или печатени;
  • разни видови џебни календари, роковници;
  • обрасци, формулари, уписни листови;
  • музички касети и плочи и сл.

Неколку упатства за доделување на ИСБН

ИСБН се доделува на првото издание на секоја книга и на секое следно издание на истата книга, ако има измени во текстот, повезот или форматот.

Нов ИСБН-број не се доделува на ново неизменето издание, односно препечатено со ист формат од истиот издавач.

ИСБН-бројот доделен еднаш на еден наслов не смее да се користи за друг наслов.

ИСБН може да имаат и публикации во повеќе свески при што целината (серијата) ќе има еден ИСБН-број, а секоја поединечна свеска уште еден, сопствен ИСБН-број, во рамките на целината (серијата). Во тој случај на секоја свеска се наведуваат и двата броја.

Комплетите составени од два или повеќе дела на различни или исти медиуми добиваат како целина еден заеднички ИСБН и секој поединечен дел свој ИСБН.

Ако публикацијата има два или повеќе издавачи, секој од нив го наведува својот ИСБН, односно таквата публикација има две или повеќе ИСБН-броеви.

Во публикацијата која е превод се наведува ИСБН на преводот и ИСБН на изворното издание.

Каде се печати ИСБН
Издавачот, ИСБН-бројот мора да го отпечати на видно место:

  • • пред или после ЦИП-записот
  • • на последната корица од надворешната страна во долниот десен агол (со или без бар-код)

Пред бројот задолжително стои меѓународната кратенка ИСБН.

Предности на ИСБН

На издавачите им препорачуваме да се вклучат во општиот Меѓународен систем за означување на публикации заради: поедноставна и подобра идентификација на своите публикации, подобра евиденција на издавачката дејност, а пред сè за меѓународната размена на податоци.

Со доделувањето на ИСБН сте застапени во Меѓународниот именик на издавачи кои користат ИСБН (Publishers International ISBN Directory) што го издава Меѓународната Агенција за ИСБН во Лондон и сте обврзани ИСБН да го употребувате во согласност со меѓународните препораки.

Освен издавачите, ИСБН го користат и библиотеките, книжарниците и поединците при: увоз/извоз, обработка на нарачки, евиденција на преднарачки, фактурирање, складирање и инвентарирање, меѓубиблиотечното позајмување.

Лице за контакт:
Оља Стојкова
тел: (02) 3115-177, лок. 137
e-mail: olja@nubsk.edu.mk

Штo e ИССН

ИССН (ISSN) е меѓународен стандарден број за периодични публикации и континуирани извори (international standard serial number) кој овозможува идентификација и контрола на сите извори во континуитет издадени на национално и интернационално ниво.

Што е сериска/периодична публикација?

Публикација на кој било медиум, издадена непрекинато во делови, кои имаат бројчани или хронолошки ознаки, со цел да бидат објавувани неопределено, во континуитет.

Кога се доделува ИССН-број

  • на нов наслов (кога првпат се регистрира сериската публикација)
  • на променет наслов

Што условува промена на ИССН-број

Основа на ИССН системот е „делување во пар“ или единство на двата елемента, клучен наслов и ИССН . Промената на првиот е услов за промена на вториот елемент.

Кога ИССН-бројот не се менува

  • ако има промена на називот на издавачот
  • ако е сменето местото на издавање
  • ако има промена на фреквенцијата на издавање
  • ако има промена на издавачката политика

ИССН-број на различни медиуми

Изданијата на еден ист наслов без разлика дали се печатени или се достапни на друг вид медиуми (ЦД-ром, онлајн, магнетни медиуми, микроформи…) добиваат сопствен ИССН
Пример:
Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering (print) ISSN 1857-5552
Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering (on-line) ISSN 1857- 5625 www.mjcce.org.mk

Каде се означува ИССН-број

  1. За печатени изданија:
    • на надворешната страна на корицата, првенствено во горниот десен агол, секогаш придружен со ознака ИССН;
    • во кој било дел од страничните рабови на корицата;
    • на страницата каде што е податокот за копирајт, или покрај податоците за издавачот, периодичноста (импресумот).
  2. За електронски изданија:
    • на внатрешниот извор, каде што е заштитниот наслов, на главната страница;
    • на надворешните извори, каде што се натписите (омотите) на ЦД-ром и касетите.

Што е ИССН регистер

Секој доделен ИССН на сериска публикација се регистрира во Меѓународната база на податоци: ИССН регистер.

Базата претставува најкомпетентен и широко достапен извор на информации за идентификација на сериските публикации од цел свет.

Која е структурата на ИССН-бројот

  1. Носечки елементи (ИССН, клучен наслов, скратен наслов).
  2. Дополнителни елементи (периодичност, јазик, други форми на наслов, место на издавање, УДК, издавач).
  3. Линкови за поврзување (претходен/ни наслови, изданија на други јазици, изданија на други медиуми).

На кој начин е достапна базата

Базата на ИССН регистерот се ажурира и објавува од страна на Меѓународниот ИССН Центар од Париз и е достапна на два медиума:

  • интернет (ISSN Online);
  • ЦД-ром

Што е ИССН мрежа?

ИССН мрежата ја сочинуваат националните центри од целиот свет и Меѓународниот ИССН центар во Париз кој ја координира работата на националните центри.

Што е функцијата на Националниот ИССН-центар

  • Формира своја локална база на податоци за сериски публикации од својата земја;
  • преку задолжителниот примерок ги открива и контролира сите наслови на сериски публикации во својата земја;
  • доделува ИССН и врши обработка и контрола на сериски публикации;
  • доставува информации за нив до меѓународниот ИССН-центар и другите национални центри на нивно барање;
  • контактира со издавачите на локално ниво со цел унапредување и развој на ИССН-системот;
  • одговорен е за успешно и континуирано делување на ИССН-системот за својата земја во рамките на ИССН-мрежата.

Што е функцијата на Меѓународниот ИССН-центар

  • Одговорен е да ја координира работата на националните ИССН-центри;
  • ја одржува базата на податоци на ИССН-регистерот и се грижи за издавачките продукти;
  • доделува ИССН за сериски публикации од меѓународен карактер.

Лице за контакт:
Оља Стојкова
тел: (02) 3115-177, лок. 137
e-mail: olja@nubsk.edu.mk

Што е ИСМН

ИСМН (ISMN) е меѓународен стандарден број за музички нотни изданија (international standard music number) кој се користи за идентификација на печатени музикалии (партитури, штимови или елементи во мултимедијален комплет).

Кој доделува ИСМН во РС Македонија

Агенцијата за ИСМН на РС Македонија во рамките на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје

Кои публикации добиваат ИСМН

ИСМН се доделува на:

  • печатени партитури;
  • џебни (студиски) партитури;
  • вокални партитури;
  • сет на штимови;
  • штимови достапни засебно;
  •  поп-фолиа;
  • антологии;
  • збирки на композиции;
  • песнарки (поп, џез, рок, народна музика и др.);
  • други медиуми кои се интегрален дел од публикацијата на печатени музикалии (пр. звучен запис кој е еден од „штимовите“ на композицијата);
  • текстови на песни или стихови објавени заедно со печатените музикалии;
  • коментари објавени заедно со печатените музикалии (достапни исто така одвоено);
  • микроформи на музички публикации;
  • музички публикации со Брајово писмо;
  • електронски публикации.

ИСМН не се доделува на:

  • книги за музика – освен оние што содржат нотни примери;
  • звучни или видеозаписи (вклучувајќи записи достапни на компјутерски медиум);
  • сериски публикации.

Упатства за доделување на ИСМН
ИСМН се доделува на првото издание на секои печатени музикалии, на секое наредно издание на истата публикација, доколку има измени. Нов ИСМН-број не се доделува на ново неизменето издание, односно препечатено во ист формат од истиот издавач.

ИСМН-бројот доделен еднаш на еден наслов не смее да се користи за друг наслов.

Печатење на ИСМН на музичка публикација

ИСМН мора да биде отпечатен на видно место во публикацијата, на задната страна на партитурата или штимот. По можност ИСМН-бројот се печати со податокот за авторско право. Доколку публикацијата се издава електронски ИСМН-бројот мора да се појави на страната на екранот која го прикажува насловот или неговиот еквивалент.