Menu Close

За библиотекари

Обуки и стручна помош, стандарди и други документи за унапредување на вашата дејност

Преку оваа организациска единица се реализира матичната дејност на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Одделот ја следи и ја анализира состојбата на библиотечната мрежа во нашата држава, извршува инструктивно-методолошка работа со библиотечните работници, организира перманентна обука на библиотекари и подготвува правила и норми за работа во библиотеките.

Уште од формирањето, Народната и универзитетска библиотека извршува задачи на централна матична библиотека во Македонија. Формално, оваа функција, плански и организирано отпочнува да се остварува од 1954 година со формирањето на Библиотечниот центар на Македонија во рамките на НУБ „Св. Климент Охридски“. Библиотечниот центар во почетокот добива задача да ја организира и да ја развива мрежата од народни библиотеки со посебен акцент на тогашните околиски библиотеки во Скопје, Битола, Штип, Титов Велес, Куманово, Тетово и Охрид кои се задолжени да се грижат и да ја развиваат библиотечната дејност на територијата на соодветните околии.

Врз основа на краткото, но богато искуство од работата на Библиотечниот центар, на 21 јуни 1959 година е донесена одлука за негово прераснување во посебна организациска единица на Библиотеката – Оддел за унапредување на библиотекарството во НРМ. Одделот ги добива следниве задачи: да ја проучува целокупната проблематика и условите за развој на библиотечната мрежа во НРМ, да води евиденција за библиотеките; да ги посетува сите видови библиотеки и да врши стручен надзор на нивното работење; да прибира документација и да изготвува анализи и прегледи за состојбите; да ги проучува искуствата од библиотеките во странство; да проучува библиотекарска литература, да изготвува стручни упатства; да се грижи за библиотекарските кадри и да применува форми за негово перманентно образование.

Одделот активно учествува во подготвувањето на првиот Закон за библиотеките со кој практично и нормативно се санкционира матичната дејност на Народната и универзитетска библиотека како централна матична библиотека во земјата.

Со овој закон е предвидена матична функција и на пониско, општинско ниво, за одреден вид библиотеки, при што се дефинирани и задачите што треба да ги остваруваат тие библиотеки.

Работно време:
понеделник – петок од 8:00 до 16:00

Одговорно лице:
Јелисавета Костадинова
е-пошта: maticna@nubsk.edu.mk , jelisaveta@nubsk.edu.mk , jana@nubsk.edu.mk
моб.: +389 75 378 031

Една од значајните дејности на Библиотеката е континураното стручно образование и оспособување на библиотекарите од Република Македонија. Со организирање и одржување на повеќе разновидни курсеви, библиотекарите се стекнуваат со потребните стручни знаења од областа на библиотечното работење, како и со потребните знаења за активно учество во националниот библиотечно-информациски систем КОБИСС.MK.

Основни курсеви за библиотечно работење

За стекнување знаења за техничка, формална и содржинска обработка на библиотечниот материјал согласно со меѓународно прифатените стандарди за обработка, негово чување и заштита, како и начините на кои може да се пребараат и да пронајдат информации во домашните и странските јавно достапни електронски каталози и бази на податоци, одделот Матична дејност и развој на библиотекарството ги организира следните основни курсеви за библиотечно работење:

  • Техничка обработка на библиотечен материјал (2 дена)
  • Каталогизација на монографски публикации (5 дена)
  • Каталогизација на сериски публикации (5 дена)
  • Каталогизација на некнижен материјал (5 дена)
  • Содржинска обработка на библиотечен материјал (предметизација и класификација според УДК) (5 дена)
  • Библиографска обработка на библиотечен материјал (5 дена)
  • Информациска дејност во библиотеките и бази на податоци (2 дена)

По завршување на секој курс се полага контролен испит. За положен испит се добива соодветен сертификат. Учеството за повеќето курсеви е „меѓусебно условено“ . Се одржуваат двапати годишно, во периодите пролет и есен.

За учество на курсевите е потребно да се пополни Пријава во која, покрај другите податоци, треба прецизно да се наведат сите курсеви за кои се пријавувате.

За учество на основните курсеви се плаќа котизација во согласност со Ценовникот.

Подетални информаци во врска со основните курсеви за библиотечно работење можете да добиете од одговорните лица во одделението Матична дејност и развој на библиотекарството.

Виртуелна библиотека на Македонија е проект за поврзување на сите видови библиотеки од Република Македонија (национална, јавни, високообразовни, универзитетски, специјализирани, училишни) во единствен национален библиотечно-информациски систем COBISS.MK. Овој систем се гради врз платформата и истоимената програмска опрема COBISS (Cooperative Online Bibliographic System and Services), којшто го развива Институтот за информациски науки – ИЗУМ од Словенија.

Проектот ВБМ започна во 2002 година, со поврзување на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола, библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите и библиотеките на институтите од Природно-математичкиот факултет, кои дотогаш за автоматизација на библиотечните процеси, секој самостојно, ја користеа програмската поддршка COBISS. Но, како официјален датум се бележи 3 декември 2004 г. кога Библиотеката и ИЗУМ потпишаа Договор за имплементација на системот COBISS во Македонија и го основа Центарот Виртуелна библиотека на Македонија (Центар ВБМ), кој ги извршува задачите на национален библиотечно-информациски сервис на овој систем.

Што е COBISS?

COBISS претставува организациски модел на поврзување на библиотеките во национален библиотечно-информациски систем со заемна каталогизација, заемна библиографско-каталошка база на податоци COBIB и локални бази на податоци на библиотеките учеснички, база на податоци за библиотеките COLIB, нормативна база на податоци CONOR и бројни други функции. 

COBISS.SI, COBISS.SR, COBISS.MK, COBISS.BH и COBISS.RS, COBISS.CG, COBISS.BG, COBISS.AL и COBISS.KS се ознаки за автономните библиотечно-информациски системи што се воспоставени во одделни држави (Словенија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово). Во Босна и Херцеговина постојат два системa (COBISS.BH и COBISS.RS), бидејќи една од нејзините конститутивни единици (Република Српска) во 2013 година се одлучи за воспоставување на автономен систем. Во Албанија улогата на национален COBISS-центар ја презеде Академијата на науки на Албанија. И во Косово системот COBISS.KS во моментот се воспоставува без учество на националната библиотека.

Спогодбата за воспоставување на мрежата COBISS.net и слободниот проток на библиографските записи коишто се креираат во автономните библиотечно-информaциски системи на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Словенија и Србија, беше потпишана во Белград во 2003 година. Во рамките на наведените системи, програмската опрема COBISS денес ја користат скоро 1500 библиотеки.

Повеќе за платформата и програмската поддршка COBISS можете да прочитате тука.

Што е COBISS.Net?

COBISS.Net е назив на проектот со кој се поврзуваат автономните национални библиотечно-информациски системи COBISS на различните држави и нивните информациски системи за истражувачка дејност. Програмската опрема COBISS технички го овозможува преземањето на записите од која било заемна база на податоци COBIB, каталогот на Конгресната библиотека во Вашингтон, САД, ISSN регистарот во Париз, Франција, каталогот OCLC (WorldCat) и од други бази на податоци. 

Спогодбата за воспоставување на мрежата COBISS.Net и слободниот проток на библиографските записи коишто се создаваат во автономните библиотечно-информaциски системи на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија, беше потпишана во Белград во февруари 2003 година, а во ноември 2006 година спогодбата ја потпиша и националната библиотека на Бугарија.

Повеќе за проектот COBISS.Net и неговите цели, можете да прочитате тука.

Центар ВБМ

 Центарот ВБМ има функција на библиотечно-информациски сервис на националниот библиотечно-информацискиот систем COBISS.MK што се развива врз база на истоимената платформа COBISS. Центарот беше формиран врз основа на Законот за библиотеките и обврските од билатералниот Договор за имплементација на системот COBISS во Македонија, помеѓу НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Институтот за информациски науки – ИЗУМ од Марибор, Словенија, потпишан на 3.12.2004 година, со одлука и поддршка од Министерството за култура.

Центарот ги врши следните функции:

  • планирање и координирање на активностите за компјутерско поврзување на библиотеките во Република Македонија,
  • управување со заемната библиографска база на податоци COBIB.MK и системот COBISS.MK,
  • обезбедување на програмската поддршка COBISS и корисничка документација за заемната каталогизација, локалното библиотечно работење и други сервиси 
  • стручна помош на библиотеките при набавка, инсталирање и одржување на компјутерската опрема,
  • обука и стручна помош на библиотеките и другите корисници на програмската опрема COBISS,
  • утврдување на оспособеноста на стручните библиотечни работници за учество во заемната каталогизација,

 

Податоци за контакт

Помош на корисниците:
моб. +389 75 378 031, +389 75 378 034 (од понеделник до петок од 8.00 до 16.00 ч)

ИТ-поддршка:
моб. +389 75 378 033 (од понеделник до петок од 8.00 до 16.00 ч.)
е-пошта: vbmkservis@nubsk.edu.mk

Раководител:
м-р Жаклина Ѓалевска
тел. +389 75 378 034
е-пошта: zaklina@nubsk.edu.mk