По повод 115-годишнината од раѓањето и 20-годишнината од смртта на една од најзначајните српски поетеси на 20-от век, Десанка Максимовиќ, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, на 9-ти октомври 2013 година, во 12 часот, ќе биде отворена репрезентативна изложба, насловена „Ви оставам само зборови...“.
Во изложбата како експонати се вклучени уникатни материјали кои се дел од оставнината на авторката и се чуваат во Народната библиотека на Србија: оригинални ракописи, белешки, концепти, први и последни верзии на текстовите, писма, лични предмети и документи итн.
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и Институтот „Јунус Емре“, со поддршка на Централната банка на Република Турција, извршија дигитизација на ракописите и ракописните книги од Збирката ориентални ракописи и ретки публикации на Библиотеката кои датираат од Отоманскиот период, како и конзервација и реставрација на оштетените материјали.
Учеството на НУБ „Св.Климент Охридски” - Скопје како соработник во проектот беше определено со потпишување на Протокол за соработка помеѓу Институтот “Јунус Емре” од Анкара, Република Турција и Библиотеката. Во него беа дефинирани видот, временската рамка и распоредот на активностите во рамките на проектот.
Во рамките на потпишаниот договор за соработка меѓу Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Република Македонија и Народната библиотека на Србија во Белград, во сегментот за зајакнување и интензивирање на соработката меѓу двете библиотеки, на 5. и 6. септември 2013 год. во Народната библиотека на Србија се организираше дводневна манифестација насловена Денови на македонската култура, со што македонската страна ја одбележа 22. годишнина на независноста на Република Македонија.
На 29 мај во 12:00 часот, во холот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје ќе биде отворена несекојдневна мултимедијална изложба насловена СВЕТОТ НА БАЈКИТЕ со која ќе се одбележи јубилејот 200 години од првообјавената збирка бајки на Браќата Грим.
Поминувајќи низ седум станици, секој посетител ќе може да ги види најзначајните мотиви од германските бајки. Преку елементи за слушање, гледање и интеракција ќе може да се проследат магиите и волшебствата, принцезите, животните и познатите херои од бајките.
По повод 65 години сеќавање од насилно протераните деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија во Граѓанската војна во Грција и 100 години од Балканските војни и Букурешкиот договор, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН организира изложба под наслов ПРОГОНСТВО ШТО ТРАЕ.
Свеченото отворање ќе се одржи на 22 март 2013 г. (петок) во 11 часот, во изложбениот хол на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје.