Menu Close

Посета на делегација од Националната библиотека на Бугарија и отворање на изложбата „Раѓањето на модерниот град“

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје беше домаќин на делегација од Националната библиотека „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Бугарија, составена од 15 членови и предводена од директорката, проф. д-р Красимира Александрова.

Во рамките на посетата, гостите се запознаа со организацијата и функционирањето на НУБ, имаа можност да разменат искуства и добри практики со вработените, како и да ја посетат поголемиот дел од службите и одделенијата на нашата институција.

Како дел од оваа соработка, свечено беше отворена изложбата „Раѓањето на модерниот град“, посветена на градот Софија, подготвена од Националната библиотека на Бугарија.

Изложбата е достапна за посетителите во холот на Библиотеката во наредните пет работни дена, и сите заинтересирани љубители на историјата и урбаното наследство се поканети да ја посетат.

На настанот присуствуваа и претставници од Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, како и претставник од Министерството за култура на Република Бугарија.

Националните библиотеки на Северна Македонија и Бугарија и понатаму ќе вложуваат напори за унапредување на заемната соработка, афирмација на културните вредности и градење мостови на разбирање и професионална поврзаност.