По повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во холот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје е поставена изложба на избрани библиотечни материјали од фондот на Библиотеката.
Изложбата ги опфаќа публикациите од периодот од 1875 година до денес, претставувајќи значајни изданија кои ја документираат историјата на македонскиот јазик и неговото стандардизирање. Посетителите имаат ретка можност да видат оригинални примероци од:
• збирката „Ретки и старопечатени книги“,
• збирката „Ретки сериски публикации“,
• збирката „Архивски примерок“ и
• дел од општиот фонд на Националната библиотека.
Меѓу експонатите се издвојуваат: За македонцките работи, Тријазичникот, Сердарот, Бели Мугри, првиот Буквар со читанка, првата Граматика и други значајни изданија.
Изложбата е отворена за посетители секој работен ден до 16 мај, во рамките на работното време на Библиотеката. Влезот е слободен.