Задолжителен примерок

Задолжителен примерок

Што е задолжителен примерок на публикации?

Доставувањето македонски задолжителен примерок заради заштита, чување и давање на користење, е работа од јавен интерес, регулирана со Закон за задолжителен примерок (“Службен весник на Република Македонија” бр. 11/94, 92/08). Задолжителниот примерок се заштитува, чува и користи според прописите за посебна заштита на предмети од посебно културно и историско значење.

 За задолжителен примерок се сметаат публикации печатени или умножени во Република Македонија, односно публикации од македонски издавачи печатени или умножени во странство. Задолжителниот примерок ги опфаќа следните видови публикации:

  • книги, 
  • брошури
  • периодични публикации
  • патенти, стандарди 
  • каталози, телефонски именици, календари 
  • плакати, летоци, програми, проспекти 
  • обрасци, поштенски марки, таксени марки 
  • ЦД, ДВД и друга електронска граѓа 
  • нотни записи 
  • репродукции на ликовни дела и цртежи 
  • картографски материјали 
  • разгледници, фотографии, дијапозитиви 
  • носачи на звук (ЦД, ДВД, аудио касети, грамофонски плочи, магнетни и други ленти) 
  • мултимедијална граѓа 
  • други слични дела што се умножуваат на друг начин и се наменети за јавност.

Публикација во смисла на овој закон е и носач на слика и тон (тонска копија на филмска лента, видео лента и друго) што се умножува и е наменет за јавност . За задолжителен примерок се сметаат и магистерски тези, докторски дисертации и државни пари (банкноти и монети).

Мисија на задолжителниот примерок

Македонскиот задолжителен примерок, забележената информација, како трансмисија и колективна меморија за духовните вредности на Македонија и Македонците, е огледало, одраз и печат на македонската национална култура. ЗП истовремено е составен дел во мозаикот на светската заедница на култури и цивилизации. Оттаму, тој претставува влог што се остава како наследство на идните генерации, претпоставка од витално значење за зачувување и афирмација на нашата национална и културна посебност и дострели.

Цели на задолжителниот примерок
  • трајна заштита и зачувување на националното книжно или поинаку публикувано наследство
  • негова стручна обработка, презентација и користење, 
  • меѓународна промоција и афирмација на националното книжно или поинаку публикувано богатство, преку вклучување во класични и мрежно достапни системи на информации, 
  • подготовка на секундарни информациски извори и нивно користење, 
  • остварување на библиотечната функција на јавен информациски и референтен сервис, 
  • обезбедување универзален достап до публикации, како резултат на претходните перформанси
Кој доставува задолжителен примерок?

Задолжителниот примерок го доставува печатарот на задолжителниот примерок. Во случај кога во печатењето, односно умножувањето на публикацијата учествуваат повеќе печатари, задолжителниот примерок го доставува последниот печатар. Во случај кога публикацијата се печати, умножува, односно довршува во странство, задолжителниот примерок го доставува издавачот од Република Македонија, пред да започне дистрибуцијата на публикацијата.

Магистерските тези и докторските дисертации ги доставуваат универзитетите во Република Македонија. Примероците на државните пари (банкноти и монети) ги доставува Народната банка на РМ.

Кога се доставува?

Задолжителниот примерок се доставува веднаш по завршувањето на печатењето, односно умножувањето на публикацијата, а пред дистрибуирањето. За публикациите издадени во странство доставувањето се врши непосредно по увоз, а пред пуштање во промет. Задолжителниот примерок се доставува во идентична состојба во која публикацијата ќе биде дистрибуирана.

Колку примероци се доставуваат?

Печатачот, односно издавачот е должен да достави:

  • 5 примероци, за секој јазик/писмо на исто издание
  • 5 примероци, за секое повторено печатење/умножување
  • 1 примерок на магистерски и докторски трудови 
  • 1 примерок на носач на слика и тон 
  • На секој доставен задолжителен примерок треба да бидат отпечатени, односно втиснати зборовите: “задолжителен примерок” .
Каде се доставува задолжителниот примерок?

Печатените и на друг начин умножени публикации се доставуваат до Националната и универзитетска библитека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, како централна депозитна библиотека. Од доставените примероци:

  • 1 примерок се депонира, заштитува, обработува и чува како архивска граѓа
  • 2 примероци се депонираат, заштитуваат, обработуваат, чуваат и даваат на користење

Преостанатите 2 примероци, по еден примерок, се испраќаат во депозитните библиотеки НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола и НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ од Штип, каде се депонираат, заштитуваат, обработуваат и чуваат како архивска граѓа, и не се достапни за користење.

Задолжителниот примерок од магистерските, односно докторските трудови се доставува до Националната и универзитетска библиотека “Климент Охридски”, веднаш по нивната одбрана.

Задолжителниот примерок од носачите на слика и тон (тонска копија на филмска лента, видео лента и друго) се доставува до НУ Кинотека на Македонија. Новите изданија на државните пари како задолжителен примерок се доставуваат во 3 примерока до НУ Музеј на Македонија.

Увид во продукцијата

Секој печатар е должен да доставува извештај на Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски” -Скопје, односно на НУ Кинотека на Република Македонија за сите печатени, односно умножени публикации, секои 3 (три) месеци.

Секој издавач со седиште во Република Македонија е должен да доставува извештај на Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски” -Скопје, односно на НУ Кинотека на Република Македонија, за сите печатени, односно умножени публикации во странство, секои 3 (три) месеци.

Контакт:

Мирче Нешовски (за монографски публикации)
тел: 3115-177,  л. 125

Прес

Галерија

Галерија фотографии

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846