Прес

Семинар: „Унапредување на библиотечните услуги преку усовршување на кадри од областа на библиотечната дејност за давање услуги на лицата со тешкотии во читањето“

Понеделник, 29 Октомври 2018 18:21

Со задоволство Ве информираме дека Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје во соработка со Народната библиотека на Србија, а под покровителство на Министерството за култура на РМ организира семинар на тема: „Унапредување на библиотечните услуги преку усовршување на кадри од областа на библиотечната дејност за давање услуги на лицата со тешкотии во читањето“. Семинарот ќе се оддржи на 30 октомври 2018 година од 09.30 до 17.30 часот во Центарот за конференции и студии во НУБ „Св. Климент Охрдиски“ во Скопје. Библиотечните услуги за лицата со тешкотии во читањето (слепите, слабовидните, со дислексија, дисграфија, глувите и наглувите, за оние кои не можат да ја држат книгата во раце итн.) треба да бидат составен дел на секоја библиотека денес, особено кога новите технологии ни овозможуваат олеснување, а достапноста на информациите преку разни медиуми придонесуваат за развојот на тие услуги и за подобрувaње на нивниот квалитет. Се прават напори да се создадат услови библиотечните услуги да им бидат достапни и на корисниците кои имаат тешкотии во читањето, односно на кои не им е достапен стандардниот печат. Но и издавачите, да станат посвесни за потребата за приспособување на книгите и со таков вид на издаваштво. 
Обуката ќе овозможи библиотечниот персонал од Националната библиотека и од другите градски и локални библиотеки во Република Македонија - учесници на семинарот да се запознаат со тоа кои лица спаѓаат во категоријата корисници со тешкотии во читањето на стандардниот печат; со достапните формати и издаваштво во пристапни формати; со видовите пречки со кои се соочуваат корисниците со оштетен вид и другите лица со тешкотии во читањето; пристапност на информациите и публикациите на корисниците со тешкотии во читањето; помошната технологија (уреди, софтвери и помагала за читање и пишување); позитивна практика во давањето услуги на лицата со тешкотии во читањето и др.

Како потсетување, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, постои библиотечен Центар за слепи и слабовидни лица, кој беше пуштен во употреба на 29 декември 2011 година, со цел да им се овозможи поцелосно и поефективно учество и вклучување во општеството на над 2500 слепи лица и поголем број лица со тешки оштетувања на видот. Со оглед на тоа што слепите и слабовидните лица не се во можност да ја следат вообичаено печатената литература на конвенционален печат, главната цел на Центарот е да им се овозможи на слепите и на слабовидните лица во Република Македонија непречено користење на материјали со културни, образовни и други содржини во пристапни формати. Центарот располага со опрема за печатење книги со Брајово писмо и за издавање аудио-книги.

Галерија

Галерија фотографии

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846