Библиографии

Се изготвува од македонскиот задолжителен примерок, а двете свески ја опфаќаат целокупната едногодишна издавачка продукција примена во НУБ „Св. Климент Охридски“. Во неа се вклучуваат монографски публикации (книги) издадени од македонски издавачи, кои се печатени во Македонија и во странство, докторски дисертации одбранети на Универзитетите во Македонија, географски карти, музикалии - нотни записи, како и електронски публикации.

Содржи податоци за обемот и структурата на сериските публикации издадени во Република Македонија во тек на една календарска година. Како дел од тековната национална библиографија и оваа серија се подготвува според територијален принцип. Во неа без селекција се вклучуваат наслови на различни видови сериски публикации: весници, списанија, ревии, годишници, зборници, билтени, алманаси, училишни гласила, единечни јубилејни броеви и друго.

Опфаќа статии и прилози објавени во сериски публикации, како и во дел од монографски публикации (зборници од конгреси, симпозиуми, советувања и други стручни и научни собири, како и во мографски публикации кои содржат трудови од различни автори). Оваа серија има селективен карактер, при што селекцијата се врши на две нивоа. Првата селекција се врши при избор на наслови на сериски публикации како изворници, а втората при избор на статии и прилози од веќе селектираните изворници. Основни критериуми при селекцијата се нивната научна, стручна, популарна и уметничка вредност. Само публикуваните трудови кои се типизираат според овие вредносни критериуми се обработуваат во 2. серија – Статии и прилози.

Како посебен проект независен од Македонската тековна библиографија, во Библиографскиот центар од 1991 година континуирано се подготвува Библиографија на монографски публикации издадени во Република Македонија, кои се преведени од различни јазици на македонски, од македонски на кој било друг јазик, како и од еден на друг немакедонски јазик. Проектот се изработува според строги критериуми и претставува дел од глобалниот проект на УНЕСКО - „Светска библиографија на преводи“ (Index translationum). Информациите за овој проект се достапни на www.unesco.org/culture/xtrans.

Македоника – информативен билтен е посебен сегмент од македонската национална библиографијата кој содржи податоци за публикации издадени надвор од територијата на Република Македонија. При подготвувањето на Билтенот треба да биде задоволен еден од следните критериуми:

  • објавени трудови на македонски јазик
  • трудови чија содржина се однесува на Македонија од кој било аспект
  • трудови чии автори се Македонци, а се објавени во странство на македонски јазик или се преведени
  • трудови на автори од етничките заедници - државјани на Македонија, објавени во странство на изворниот јазик или преведени

Специјалните библиографии ја дополнуваат богатата библиографска дејност што Библиографскиот центар ја развива и негува од формирањето до денес. Тие се подготвуваат со соодветна концепциска осмисленост, специјално за некоја значајна личност, по повод некој јубилеј, настан, период, област, на посебна тема и друго. Ја опфаќаат целокупната истражена литература за одреден временски период на излегување и се издаваат во една публикација што го олеснува истражувањето. Овие библиографии нудат голем број референци за монографски публикации, зборници, статии и прилози и имаат големо значење за научниците, докторантите, магистрантите и студентите кои ги проучуваат темите и областите што се земени како параметар за специјалната библиографија.

Прес

Галерија

Галерија фотографии

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846