Прес

ПРВ БРОЈ НА СПИСАНИЕТО „ИЗДАВАШТВО“

Среда, 04 Јануари 2017 09:19

Деновиве излезе од печат првиот број на „Издаваштво: списание за промоција на издавачката дејност во Република Македонија“. Списанието го објавува Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, излегува еден број годишно и во него се претставени најрепрезентативните и најмаркантните публикации, едиции, издавачки проекти и манифестации поврзани со книгата и издаваштвото.

Во воведот, редакцијата истакнува дека „Издаваштво е замислено и конципирано како списание што ќе придонесе за презентирање и афирмација на издаваштвото и на издавачката дејност во нашата земја... Во годината што измина се реализираа бројни издавачки проекти... тие во себе го носат духот на ова поднебје во кој се вткаени длабоки цивилизациски вредности“.

На првите страници од списанието се објавени текстовите „Востоличување на македонските автори на светската книжевна мапа“ од Јовица Тасевски-Етернијан и „Чудесна шестјазична светска премиера на македонската литература“ од Бранко Цветкоски за капиталниот издавачки проект „Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици“. 

Поетот и критичар Санде Стојчевски ги претставува најзначајните нови поетски книги, а романсиерот Блаже Миневски има приредено колаж од куси прикази на најинтересните романи објавени на македонски јазик во 2016 година. Проф. д-р Фатмир Сулејмани се осврнува на современата албанска книжевност, а во списанието е претставена и книгата од авторите Назли Рана и Зеки Ѓурел од Турција посветена на творештвото на писателот Илхами Емин. 

Исто така во првиот број е објавен освртот на проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски за прозната книга од рускиот епископ Тихон Шевкунов, чиј превод, издавање и промоција предизвикаа голем интерес кај македонската читателска јавност. 

Специјален гостин во првиот број на списанието е познатата естрадна уметничка Викторија Лоба, која се појавува на насловната страница, а во рубриката „За книгата со љубов“ читателите можат да го прочитаат нејзиното искажување за тоа какво значење има книгата во нејзиниот живот, колку и зошто ги сака книгите, кои книги ѝ оставиле посебен впечаток и зошто смета дека е важно да се чита. 

Владимир Илиевски пишува за придонесот што во македонскиот книжевен растеж го има дадено списанието за литература, уметност и култура „Современост“, кое минатата година одбележа 65 години од излегувањето на првиот број, а исто така тој е автор и на освртите за стручната книга за македонските кодики од 19 век од д-р Михајло Георгиевски и за новиот Правопис на македонскиот јазик што го објави Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. 

За Светскиот ден на книгата и авторското право и за македонскиот штанд на Саемот на книгата во Париз се осврнува Елена Никодиновска, а за презентирањето на македонската книжевност и издаваштво на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг пишува Јовица Тасевски-Етернијан. 

Викторија Костоска ги претставува манифестациите „Ден на читателот“ и „Денови на светската книжевност“ што ги организира НУБ „Св. Климент Охридски“ со цел да се поттикне и развие културата на читање. 

Томислав Каранфиловски се осврнува на неколку стручни книги, како што се терминолошкиот речник од областа на градежништвото што го објави МАНУ, книгата „Почетоци на западната философија – претсократовци“ од акад. Витомир Митевски, „Културна антропологија“ од проф. д-р Илија Ацески и книгата „Велика Британија и Балканот“ од д-р Теон Џинго, а тој е автор и на објавениот прилог за најбараните македонски публикации во странските библиотеки. 

Во првиот број на списанието читателите можат да прочитаат и дел од промотивниот говор на д-р Филип Петровски за едицијата „Црните страници на УДБА“ во издание на Државниот архив на Република Македонија. 

„Книга за одгатнување на тајните на бесконечното множество од публикации“ е насловот на освртот на проф. д-р Димитар Пандев за „Прирачникот за универзална децимална класификација“ од Сенка Наумовска. Во завршниот дел од текстот авторот истакнува: „Во македонската култура во сферата на издаваштвото се случуваат настани од историско и епохално значење. Зад нив стои македонската држава и нација, македонската литература и култура, македонската наука и уметност, зад нив стојат македонските издавачи и македонските библиотеки. Тоа се вредности кои ниту смеат ниту пак можат да останат затворени во тесен круг, неопходна е нивна афирмација во светот на информациите“. 

На крајот на првиот број на списанието „Издаваштво“ е објавен Конкурсот за странски издавачи на Министерството за култура за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици. 

Списанието „Издаваштво“ излегува во печатена форма и се објавува на интернет-страната на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Главен уредник е Јовица Тасевски-Етернијан, одговорен уредник е м-р Владимир Илиевски, а членови на редакцијата се Магдица Шамбевска, Викторија Костоска, Блаже Миневски, Милош Линдро и м-р Томислав Каранфиловски. Фотографиите се на Драган Кумев и Маја Мицевска, а графичкиот дизајн и компјутерската обработка е на Јован Стојановски. 

Списанието се печати со финансиска поддршка на Министерството за култура. 

Првиот број на „Издаваштво“ можете да го прочитате на овој линк.

 

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846