Прес

Денови на светската книжевност-АМЕРИКАНСКА

Петок, 26 Февруари 2016 14:26

Почитувани,

Ни претставува чест и задоволство да Ве информираме дека Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, продолжува со серијата настани посветени на светската книжевност, во рамки на планираните програмски активности за популаризација на книгата.

 НУБ Св. „Климент Охридски“ и Американското катче во Скопје ве покануваат на вториот настан од серијата „Денови на светската книжевност“, насловен „Американски класици: поттикнување на метакогницијата преку кратките раскази на Реј Бредбери“, кој ќе се одржи на 29.2.2016 г. (понеделник) со почеток во 13 часот, во Центарот за конференции и студии во НУБ.

 

Осврт за американската книжевност ќе има Вера Сотировска која ќе се фокусира на важноста на читањето и развивањето на имагинацијата преку расказите на Бредбери. Реј Бредбери се вбројува меѓу класиците на американската научно-фантастична книжевност. Негови најпознати дела се култниот роман „Фаренхајт 451“,  делото „Марсовските хроники“ и други.

Сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на овој настан ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од американските писатели преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Во текот на целата 2016 година во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од македонската тековна и актуелна книжна продукција и од капиталните издавачки проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и придружни манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.

Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори.

Следни планирани настани што ќе се одржат во март се Ден на читателот и претставување на унгарската книжевност.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846