Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во согласност со одредбите од Законот за библиотеките, Законот за културата, Законот за заштита на културното наследство, Законот за издавачката дејност и други важечки правни акти во нашата држава, како национална установа од областа на културата врши повеќе функции и остварува голем број задачи, дејности и активности, како што се комплетирање и збогатување на библиотечниот фонд по пат на задолжителен примерок, купување публикации, меѓународна размена, подарок, легат, завештание и друго, изработување и издавање на ЦИП-записи како и меѓународни стандардни броеви за публикации (ИСБН, ИССН и др.), потоа техничка и стручна обработка на библиотечни материјали и библиотечни добра, нивно сместување, чување, заштита и користење, библиографска дејност, реферална дејност, матична дејност и развој на библиотекарството, издавачка дејност, меѓународна соработка, дигитализација, координирање на националниот библиотечно-информациски систем и др.
НУБ „Св. Климент Охридски“ претставува потпорен столб на библиотечната дејност во нашата држава и не е случаен фактот што покрај 12-те основни функции и задачи на библиотеките утврдени во член 16 на Законот за библиотеките, во согласност со член 18 од овој закон извршува уште 25 други функции заради развој на библиотечната дејност, културата, науката и образованието, како и за задоволување на информациските потреби на граѓаните.
Имено, НУБ „Св. Климент Охридски“ е национална библиотека со матична функција задолжена за унапредување и координација на работата на библиотеките на територијата на нашата држава, односно претставува институција со атрибути на субординарна поставеност во однос на другите библиотеки. Библиотеката врши едукативни активности со цел да се воспостават највисоки професионални стандарди во библиотечната дејност и непрекинато да се унапредува библиотекарството во државата. Во согласност со Законот за библиотеките, НУБ „Св. Климент Охридски“ има овластување и задача да ја извршува функцијата на матична библиотека, при што континуирано ги следи меѓународните стандарди во библиотечната дејност и дава препораки за нивна примена во нашата држава. Исто така, секоја година организира обуки за професионално оспособување на библиотекарскиот кадар од јавните, специјализираните, универзитетските и училишните библиотеки во државата, овозможувајќи здобивање со стручни знаења во сите сегменти на библиотечната работа. Во оваа насока е подготовката и издавањето прирачници и стручни материјали од областа на библиотекарството.
Освен тоа, НУБ „Св. Климент Охридски“ е надлежна матична установа во нашата држава и за заштита на библиотечните добра при што континуирано се врши конзервација и реставрација на ракописи, публикации и други материјали. Истовремено библиотеката претставува и главен центар за дигитализација, при што приоритетно се врши дигитализација на библиотечните добра прогласени за културно наследство од исклучително и од особено значење, односно на ракописите и на старите и ретки изданија кои ги поседува библиотеката, како и на други библиотечни материјали.
Исто така, НУБ „Св. Климент Охридски“ е одговорна за функционирањето на националниот библиотечно-информациски систем и за координирање на активностите на сите библиотеки вклучени во системот за заемна каталогизација, односно претставува национален центар за примена и координација на работењето во програмската опрема КОБИСС (COBISS). Националниот библиотечно-информациски систем КОБИСС.МК е поврзан со другите системи во библиотечната мрежа КОБИСС.НЕТ (COBISS.NET) и тоа овозможува слободен проток и размена на податоци односно користење на библиографските записи од базите во повеќе држави од регионот.