На 23 ноември 2024 година, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје започна реализацијата на експертска мисија финансирана од TAIEX инструментот на Европската комисија, во соработка со Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Во рамките на мисијата, библиотеката беше домаќин на експерти од Француската национална библиотека – Изабел Бонард и Тамара Кувал, кои се запознаа со организациската структура и функцијата на Националната библиотека, како и со тековните активности на Центарот за дигитализација.
По покана на НУБ, во реализацијата на проектот учествуваа и претставници од Државниот архив на РС Македонија (ДАРМ) и Музејот на современата уметност (МСУ).
Координатор на проектот е раководителката на секторот за библиотечни фондови и услуги, заштита и дигитализација – Зорица Јаковлеска Спировска.
Мисијата продолжува со активности и на следниот ден, кога е предвидена посета на Центарот за заштита на библиотечните фондови при НУБ, со цел размена на позитивни практики и искуства од областа на заштитата на материјали на хартија.
Оваа експертска мисија претставува важен чекор кон унапредување на стручната соработка, интеграција на европските стандарди и зајакнување на капацитетите на институциите од областа на културното наследство.