Делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, предводена од директорот Јовица Никчевски и раководителката на сектор Зорица Јаковлеска Спировска, оствари работна посета на Германската национална библиотека во Лајпциг, Република Германија.
Во рамките на посетата се одржа работен состанок со г. Франк Шулце – генерален директор на Германската национална библиотека и актуелен претседател на CENL (Conference of European National Librarians), како и со г. Јоханес Ноер – директор на Националната библиотека во Лајпциг (Саксонија).
На состанокот се разговараше за повеќе теми од областа на меѓународната библиотечна и експертска соработка. Беше потенцирана заедничката заложба за размена на искуства, добри практики и стручност, со посебен акцент на можностите за продлабочување на соработката меѓу двете национални библиотеки.
Средбата ја поддржа и амбасадорот на Република Северна Македонија во Германија, г. Илбер Села, кој ја истакна својата подготвеност за понатамошно унапредување на институционалната соработка и за поддршка преку дипломатските канали.
Библиотеките се мостови на меѓународна размена, соработка и разбирање.