Деновиве излезе од печат првиот број на „Издаваштво: списание за промоција на издавачката дејност во Република Македонија“. Списанието го објавува Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, излегува еден број годишно и во него се претставени најрепрезентативните и најмаркантните публикации, едиции, издавачки проекти и манифестации поврзани со книгата и издаваштвото.
Во воведот, редакцијата истакнува дека „Издаваштво е замислено и конципирано како списание што ќе придонесе за презентирање и афирмација на издаваштвото и на издавачката дејност во нашата земја... Во годината што измина се реализираа бројни издавачки проекти... тие во себе го носат духот на ова поднебје во кој се вткаени длабоки цивилизациски вредности“.
Ни претставува чест и задоволство да Ве информираме дека по повод патрониот празник и одбележувањето на големиот јубилеј - 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, ја организира 9-та Научна средба на тема „Свети Климент Охридски - 1100 години духовен светилник“.