Република Македонија годинава ќе биде земја-домаќин на 6-та Конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа што ќе ја организира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, со поддршка на Министерството за култура.
Конференцијата ќе се одржи на 8 и 9 ноември 2017 г. во НУБ „Св. Климент Охридски“. Директорите на националните библиотеки на Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за можностите за размена на дигитални објекти, вклучување со заеднички активности во рамки на Европската година на културното наследство - 2018, а исто така ќе бидат разменети информации за актуелни и нови проекти.
По овој повод подготвена е камерна изложба „Пишувањето како ракотворење: словенски ракописи од 13 до 19 век од Археографската збирка во НУБ „Св. Климент Охридски“, на која ќе се обрати господин Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Република Македонија.
На 9 ноември (четврток) ќе се одржи работилница на тема Основната функција на библиотеките: Безбедно чување и заштита на кумулираното знаење на нацијата и на ракописното наследство што НУБ „Св. Климент Охридски“ ја организира во соработка со Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ од Софија.
Потоа ќе биде отворена изложба на плакати „Книги, правци и публика“ на која ќе бидат претставени материјали од фондовите „Ракописи и старопечатени книги“, „Ориентална збирка“ и „Бугарски историски архив“ на Националната библиотека на Бугарија.
На 4 септември во НУБ се одбележа четиригодишнината од основањето на Институот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На свеченоста на присутните им се обрати ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски кој е и претседател на Управниот одбор на Институтот „Конфуциј“. На честитките за понатамошна успешна работа на Институтот се придружи и министерот - советник на Амбасадата на НР Кина во Р. Македонија г. Мао Чингвен. На свеченоста присуствуваа: директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ г-ѓа Сенка Наумовска, проректорите на УКИМ проф. д-р Билјана Ангелова и проф. д-р Гордана Јосифова - Неделковска, деканот на Економскиот факултет проф. д-р Љубомир Дракулевски и директорката на Економскиот институт Татјана Петковска - Мирчевска.
Оваа свеченост беше особено значајна затоа што беше последната активност во која учествувше досегашниот кинески директор проф. Денг Шиџонг, кој му посака успешна работа на новиот кинески директор проф. д-р Лијао Веј.
Почитувани,
За вршител на должноста директор на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје од 4.8.2017 г. со Решение на министерот за култура е именувана Сенка Наумовска, која претходно беше раководител на одделението Стручна обработка на публикации и има долгогодишно искуство во систематизација и предметизација на библиотечен материјал и во едукација на библиотекари.