Прес

НОВ БРОЈ НА СПИСАНИЕТО „ИЗДАВАШТВО“

Петок, 29 Декември 2017 14:36

Новиот број на списанието „Издаваштво“, чија основна цел е да ја презентира и афирмира издавачката продукција во Република Македонија, излезе од печат, а објавен е и во електронски формат на интернет-страната на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. 
​ ​Во овој број на „Издаваштво“ се претставени повеќе нови поетски и прозни

 книги од македонски автори. Објавени се куси критички осврти од поетот, книжевен критичар и есеист Јовица Тасевски-Етернијан за поетските книги на Матеја Матевски („Темни деноноќија“), Михаил Ренџов („Јас. Елегии“), Благој Самоников („Непроѕирна светлина“), Ирена Павлова де Одорико („Пенелопа во Венеција“), Емил Калешковски („Пропаганда (омаж на заменките)“) и на Јосип Коцев („Напишана тишина“). Романсиерот Блаже Миневски, пак, ги претставува прозните книги на Стефан Марковски („Смртта долетува насмевната“), Евгениј Хоуп („Годините кога научив да летам“), Владимир Плавевски („Земјотрес, 5:17“), Катерина Серафимовска („Поглед полн синило“) и на Игор Станојоски („Диссомнии“). 
​ ​Во есејот „Светот нè чека да го откриеме“, Милан Банов пишува за преводите на македонски јазик на стожерни дела од светската книжевна ризница издадени во рамки на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“.
​ ​За одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право пишува Елена Никодиновска, а објавени се и пораките од генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, и македонската порака која оваа година ја напиша филозофот и поет Иван Џепароски. 
​ ​Во новиот број се објавени избрани песни преведени на македонски јазик од словенечките автори Станка Храстељ, Иво Светина и Јуриј Худолин, чие творештво беше претставено на манифестацијата „Денови на словенечката книжевност во Македонија“, а изборот го приреди Марко Цуцуловски. Во рамки на овој културен настан беше отворена и изложба на книги од словенечки автори објавени од македонските издавачи во изминатите две и пол децении. 
​ ​Исто така, објавени се и песните од Маја Мојсова, Ана Јовчевска и Биљана Димко, кои добија награди на Конкурсот за необјавена песна на тема: Книга, библиотека, читател/читање што НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје го распиша по повод одбележувањето на Денот на читателот.
​ ​За презентирањето на македонската книжевност и издаваштво на Меѓународниот саем на книгата во Варшава пишува Викторија Костоска.
​ ​Специјален гостин во вториот број на списанието „Издаваштво“ е пејачот, композитор, кантавтор и музички продуцент Александар Митевски, кој се појавува на насловната страница, а во рубриката „За книгата со љубов“ читателите можат да ја прочитаат изјавата на Митевски за неговиот однос кон книгите и за неговиот став за читањето што ја завршува со зборовите: „со право велат дека едно од богатствата кои може да ги поседува еден човек е дефинитивно прочитаната книга“.
​ ​М-р Томислав Каранфиловски се осврнува на неколку важни стручни книги објавени од македонските издавачи: „Студии за охридскиот живопис“ од акад. Цветан Грозданов, „Речник на македонската традиционална култура“ од проф. д-р Лилјана Макаријоска, „Ораторската вештина низ историјата“ од проф. д-р Боро Мокров и „Диспут за науката и високото образование во Република Македонија во XXI век“ од акад. Владо Камбовски.
​ ​Во текстот „Респектибилно издание по повод значаен јубилеј“, Милош Линдро пишува за книгата „Пораките на Св. Климент Охридски“ од претседателот Ѓорге Иванов што ја издаде НУБ „Св. Климент Охридски“. Во списанието е објавен и приказ на публикацијата „Книги од француски/франкофонски автори преведени на македонски јазик: библиографски преглед“, што ја составија Елена Никодиновска, виш библиотекар, Весна Арсова, библиотекар советник и проф. д-р Ирина Бабамова.
​ ​На крајот на вториот број на „Издаваштво“ е објавен ретроспективен осврт од м-р Владимир Илиевски за списанието „Котелец“ што во изминативе децении има оставено трајни траги и има поставенo високи стандарди во областа на енигматиката.
Списанието „Издаваштво“ излегува во печатена форма и се објавува на интернет-страната на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.​ 
​Главен уредник е Јовица Тасевски-Етернијан, одговорен уредник е м-р Владимир Илиевски, а од годинава редакцијата е проширена и членови се Елена Никодиновска, Милан Банов, Милош Линдро, Викторија Костоска, Блаже Миневски, м-р Елени Новаковска, Магдица Шамбевска, Марко Цуцуловски и м-р Томислав Каранфиловски.

 ​Списанието се печати со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. 

 ​Новиот број на списанието „Издаваштво“ можете да го прочитате на овој линк​:​ http://194.149.146.5/images/2018/Izdavashtvo_2017_150dpi.pdf

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846