Прес

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА УСПЕШНО ПРЕТСТАВЕНА НА 23. МЕЃУНАРОДЕН САЕМ НА КНИГАТА ВО ПЕКИНГ

Среда, 07 Септември 2016 12:04

Република Македонија беше успешно претставена ​на 23. Меѓународен саем на книгата во Пекинг ​каде што 
Националната и универзитетска библиотека ​„​Св.​ ​Климент Охридски​“ - Скопје реализира многу активности. 
Македонскиот штанд ​на кој​ ​НУБ ​„​Св.​ ​Климент Охридски​“ го претстави македонското книжевно творештво, континуирано
го привлекуваше вниманието на посетителите кои особено беа заинтересирани за антологиите на македонската книжевност
преведени на кинески јазик, како и за македонското културно наследство.Преку интервју за пекиншка телевизија
​на ​програмскиот раководител на НУБ ​​„​Св.​ ​Климент Охридски​“​, ​г. Јовица Тасевски, кинеската јавност беше информирана
дека комплет од антологиите на македонската книжевност преведени на кинески јазик,
заинтересираните читатели можат да најдат во Националната библиотека на Кина.
На штандот беа остварени работни средби со менаџерите на две големи кинески дистрибутерски фирми кои понудија дистрибуција и продажба во Кина на антологиите на македонската книжевност преведени на кинески јазик.
Одржани беа состаноци со директори и заменици-директори на три издавачки куќи од Пекинг и со директорката за меѓународна соработка на групацијата во која членуваат педесет издавачи од Шангај, коишто беа заинтересирани за објавување книги од македонски поети, романсиери и писатели за деца. 
Исто така беа реализирани состаноци и со директорот на центарот ​„Ксијан​“​ при издавачот ​„Комерцијален печат​“​
во врска со превод и издавање на книга за македонските цркви и фрескосликарството и со заменик-директорката на издавачкиот центар на универзитетот Југозападен Џијаотонг за превод и издавање на стручна литература. 
На кинеските издавачи им беше презентиран Конкурсот на Министерството за култура на Република Македонија за странски издавачи за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици.
На штандот беа остварени средби и со неколку преведувачи и универзитетски професори кои исто така пројавија интерес за конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на дела од македонски автори.
Македонскиот штанд на саемот го посетија висока делегација на Министерството за култура на​ Република Македонија предводена од заменик-министерот ​г. ​Драган Недељковиќ и г. Бекри Ајдини од Амбасадата на Република Македонија во Пекинг.
Главен акцент на штандот на Македонија на саемот на книгата во Пекинг беше ставен на презентирањето на книгите од капиталниот издавачки проект Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици: кинески, руски, француски, германски, шпански и арапски. На македонскиот штанд беа изложени и ​дел од книгите од проектот Превод на англиски јазик на 135 тома
 ​„​Македонска книжевност​“​, како и монографии за македонското културно наследство и​ други публикации.
Македонија беше вклучена меѓу 16 држави од Централна и Источна Европа кои имаа почесно место на 23. Меѓународен саем на книга во Пекинг. Република Македонија и македонскиот штанд беа претставени и во печатеното и во онлајн списанието на организаторот на саемот.

 

           

                                

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846