Комисијата за доделување на оваа награда, во состав Јовица Тасевски -Етернијан, претседател и Милош Линдро, Блаже Миневски и м-р Владимир Илиевски, членови, изврши анализа на добиените податоци за искористување на фондовите на јавните библиотеки во Република Македонија и утврди дека според бројот на регистрирани позајмувања и пројавениот интерес на корисниците, најчитани автори во 2015 г. се Коста Петров, автор на книгите „Се гледаме на врвот“, „Стравот“ и „Нашето последно кафе“ и Марија Јаневска, која ги има објавено книгите „Белешките на Лајла Грејс“ и „Карма“. Врз основа на тоа директорот на библиотеката, д-р Иван Заров, донесе одлука оваа година наградата „Најчитан автор“ да им биде доделена на овие двајца автори. Сите нивни книги се објавени од издавачкиот центар „Три“ од Скопје.
По свечениот чин на доделување на наградата, настанот продолжи со трибина посветена на читателот како една од најважните алки во библиотечната дејност и активен учесник во рецепцијата на книжевните дела. На трибината земаа учество претставници од неколку издавачки куќи, меќу кои Издавачкиот центар Три, Македоника Литера и др., директори и/или библиотекари од јавните библиотеки во Република Македонија, како и читатели и корисници на библиотечните услуги, кои ги претставија искуствата на библиотеките поврзани со корисниците и начините на популаризација на книгата, а исто така разменија иницијативи за привлекување нови корисници и за поттикнување на читањето.
Присутните на настанот пројавија голем интерес за купување на изданијата од едицијата 135 тома „Македонска книжевност“, како и за изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“.