Прес

Промоција на книгата „Македонија - предел и култура на живеење“

Среда, 12 Март 2014 12:51

Германскиот научник Леонард Шулце Јена (1872-1955 г.) е најтемелниот истражувач на Македонија во првите децении на XX век, а неговата книга претставува најдеталната книга досега напишана од странец за Македонија. Таа е првата вистинска научна монографија за Македонија, која пак е проучена од повеќе аспекти во својата географска и национална целина. Иако ја истражувал по нејзината поделба (во 1917, 1918 и во 1922 година), Шулце Јена ја третира Македонија исклучиво како природна и национална целина. Ја проучува во географска, геолошка, етнографска, етнолошка и стопанска смисла. Настапува и како етнолингвист, истражувајќи ја компаративно македонската лексика, а како картограф изработува географска карта на Македонија, аргументирано утврдувајќи ги нејзините граници. Се претставува и како врвен етнограф, зоолог, антрополог... „Кога расправа за долини и планински масиви, тој е целосно географ; штом се работи за растенија и за животни, тогаш тој настапува како зоолог и ботаничар, или како етнограф кога опишува куќи и носии, или како историчар кој посветено се занимава со историјата на Балканот и на Македонија. И се јавува уште во неколку слични улоги. Последните 25 страници од неговата книга се посветени на сообраќајот во Македонија, од најраните времиња дури до современоста. Сето тоа е мошне интересно и го објаснува успехот на книгата која до ден-денес не е заборавена, зашто книгата содржи и една вистинска светска премиера – таа е и првиот речник на македонскиот јазик напишан врз основа на сопствени истражувања од германскиот научник Леонард Шулце Јена“, пишува проф. д-р Волф Ошлис во предговорот на книгата.

Книгата содржи близу 150 фотографии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија.

„Шулце Јена (1872-1955 г.), пишува д-р Ошлис, бил една извонредна и сестрано надарена личност. Тој студирал една струка (медицина), докторирал во друга (зоологија), а предавал трета (географија), се заинтересирал за четврта (етнологија) и ја создал петтата (етнолингвистика). Официјално, тој бил професор по географија на универзитетите во Јена, Кил и во Марбург (таму најдолго време работел, од 1913 до 1937 година.) Тој водел големи меѓународни екскурзии и експедиции низ Африка, Јужна Америка, напишал брилијантни книги, богати со материјали и илустрирани со сопствени слики и цртежи, притоа воздржан со свои заклучоци.“

Леонард Шулце Јена бил еден од најзначајните членови на таканаречената „Македонска земска комисија“, формирана од Германија и составена од 30 германски и шестмина бугарски научници, кои во текот на Првата светска војна ја проучувале Македонија од повеќе аспекти, како дотогаш најмалку позната територија за Германците, па и за Европа. Комисијата била составена од врвни научници од различни области – археолози, географи, зоолози, геолози, метеоролози, етнолози, етнолингвисти, фолклористи, историчари на уметност итн. Формирана била по налог на германското Министерство за надворешни работи и било планирано од собраните материјали да се публикува енциклопедија за Македонија, која не била реализирана поради поразот на Германија во војната. Но, голем дел од научните резултати се објавени во посебни книги, од кои најзначајни и најбогати со сознанија и податоци се книгите на Леонард Шулце Јена и Франц Дофлајн. Книгата на Шулце Јена првпат на германски јазик е објавена во 1927 година, а на Франц Дофлајн, со наслов „Македонија“ (таа е обемна и содржи 296 фотографии, цртежи и карти) е објавена во 1921 година, а првпат на македонски јазик во 2010 година, во издание на „Македонска реч“.

Галерија

Галерија фотографии

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846