Изложби

Дигитизација на ориенталните ракописи од фондовите на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје

Среда, 18 Септември 2013 17:10

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и Институтот „Јунус Емре“, со поддршка на Централната банка на Република Турција, извршија дигитизација на ракописите и ракописните книги од Збирката ориентални ракописи и ретки публикации на Библиотеката кои датираат од Отоманскиот период, како и конзервација и реставрација на оштетените материјали.

Учеството на НУБ „Св.Климент Охридски” - Скопје како соработник во проектот беше определено со потпишување на Протокол за соработка помеѓу Институтот “Јунус Емре” од Анкара, Република Турција и Библиотеката. Во него беа дефинирани видот, временската рамка и распоредот на активностите во рамките на проектот.

 Непосредните активности започнаа на 18. 06. 2013 год. со доаѓањето на работната група од Турција, составена од д-р Невзат Каја, проф. д-р Нуретин Џениз, доц. д-р Садик Јазар и проф. д-р Јашар Ајремир, кога беше монтирана опремата за дигитизација на материјалите, беа направени неопходните консултации околу протоколите за манипулација со оштетените материјали, форматот на дигиталните објекти и сл., по што беа каталошки обработени и дигитизирани 763 ракописни книги од фондот на Библиотеката пишувани на арапски јазик.

Во втората фаза од активностите, која започна на 18. 08. 2013 година, а завршува на 18. 09. 2013 година, се комплетира процесот на дигитизација на ракописните материјали од Отоманскиот период, кои се во сопственост на Библиотеката. Во оваа фаза каталошки се обработени и дигитизирани уште 1675 ракописни книги на арапски јазик, односно вкупно 2438 ракописи пишувани на арапски јазик, 1000 ракописни книги на турски јазик, 106 ракописни книги на персиски јазик и околу 1000 листови некомплетни фрагменти.

Со двете фази на проектот опфатени се активности на стручна обработка и дигитизација на 3544 ракописни книги и околу 1000 листови фрагменти пишувани на арапски, турски и персиски јазик.

По завршувањето на овој сегмент од проектот, кој освен процесот на обработка на материјалите, нивно дигитално фотографирање, опфаќа и подготовка и печатење на каталог, проектот продолжува со вториот сегмент од активностите и тоа: организација на стручен престој на извршители од областа на заштитата и дигитизацијата од Библиотеката во еминентни центри за соодветната област во Република Турција, помош во доопремување на Центарот за дигитизација на Библиотеката и донирање на опрема и потрошен материјал на Лабораторијата за конзервација.

Реализацијата на овој комплексен проект е во насока на заложбите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје за комплетна заштита на оригиналните документи преку нивна конзервација, реставрација и дигитизација, како и за овозможување поголема достапност на овие вредни материјали до пошироката научна јавност преку Дигиталната библиотека на Македонија (www.dlib.mk). Истовремено проектот ќе овозможи презентација на ориенталните ракописи од фондовите на НУБ „Св. Климент Охридски” - Скопје во Европската и во Светската дигитална библиотека.


Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846