Изложби

Денови на македонската култура

Понеделник, 09 Септември 2013 09:42

Во рамките на потпишаниот договор за соработка меѓу Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Република Македонија и Народната библиотека на Србија во Белград, во сегментот за зајакнување и интензивирање на соработката меѓу двете библиотеки, на 5. и 6. септември 2013 год. во Народната библиотека на Србија се организираше дводневна манифестација насловена Денови на македонската култура, со што македонската страна ја одбележа 22. годишнина на независноста на Република Македонија.

Манифестацијата опфати повеќе активности кои имаат цел приближување и запознавање на културите на двете соседни земји. Директорите Миле Бошески и Дејан Ристиќ свечено ја отворија изложбата Македонската книга преведена на српски јазик поставена во Централниот хол на Библиотеката во Белград, преку која српската публика има можност да се запознае со современите македонски автори. Реномираните писатели од Македонија и Србија, Венко Андоновски, Блаже Миневски, Јовица Тасевски – Етернијан и Весна Ацевска Стојчевска, како и Васа Павковиќ, Војислав Карановиќ, Миле Аќимовиќ Ивков и Александар Гаталица земаа учество на тркалезната маса Проблеми во преведувањето и пласирањето на литературата на малку распространетите јазици, како и литературна вечер на Косанчиќев Венец, на која македонските автори читаа извадоци од своите дела.

Во рамки на дводневната програма беше организиран и мини филмски фестивал, на кој беа прикажани неколку филмски остварувања на истакнати македонски режисери.

Настанот претставува реципроцитет на изложбата Современата српска книга преведена на македонски јазик, која НУБ „Св. Климент Охридкси“-Скопје ја организираше минатата година во декември во очи на својот патрон Свети Климент.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846