Изложби

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 33

Извештај за Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт

Понеделник, 17 Октомври 2011 00:00

Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт, кој годинава се одржа од 12 до 16 октомври, е најголемa светска манифестација посветена на писателите, издавачите, книжевните агенти и љубителите на книгата. Како и секоја година, саемот собра над 7000 излагачи од околу 110 земји, меѓу кои и Македонија. Според официјалните информации, Фракфуртскиот саем на книгата го посетија повеќе од 280.000 посетители, а истовремено, како и секоја година, се склучија деловни зделки за продажба на авторски права вредни стотици милиони евра. За пет дена, колку што траеше саемот, беа организирани над 2500 промоции, прес-конференции, презентации и друго.

 Македонската издавачка продукција годинава ја застапуваше, односно ја презентираше Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, која за овој настан од светско значење подготви репрезентативен каталог на англиски јазик, во кој беа претставени најновите изданија на триесетина македонски издавачки куќи, а специјално за Саемот беа објавени и две антологии на англиски јазик - антологија на македонската поезија и антологија на македонскиот краток расказ. Двете антологии, подготвени од Санде Стојчевски и Бранко Цветкоски, предизвикаа големо внимание, односно беа поделени околу триста примероци на агенти, издавачки куќи и посетители на македонскиот штанд во петтата хала на саемот, каде што беа сместени и такви гиганти во издаваштвото како што се Бразил, Аргентина, Италија, Шпанија и други.Освен  големиот избор на книги на штандот, кои годинава навистина беа и бројни и репрезентативни, што не беше случај во претходните години кога комесари на саемот беа одделни издавачки куќи, па од најразлични причини издавачите не доставуваа примероци од своите најнови изданија, вистински саемски потег беше презентацијата на 130-тома „Македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, која предизвикаа големо интересирање кај агентите и издавачите што го посетуваа македонскиот штанд. Самиот факт дека агентите се интересираа на штандот, ги запишуваа насловите, се интересираа за авторите, ги прелистуваа книгите, и на тој начин директно можеа да се запознаат со одделни автори и дела, говори дека преводот на ваквиот избор од македонската книжевност е вистинската понуда за еден ваков меѓународен саем каде што се купуваат и продаваат авторски права на стотици јазици. Во таа насока, на заинтересирани агенти и издавачки куќи им беа поделени примероци на повеќе дела, со можност за остварување контакт со авторите преку НУБ „Св. Климент Охридски“, а два комплета од едицијата им беа подарени на Националната библиотека на Германија во Франкфурт и на Амбасадата на Република Македонија во Берлин. Сите преостанати примероци од македонскиот штанд, по завршувањето на Саемот, беа подарени на друштвото „Македонија“ од Франкфурт за нивната клупска библиотека.

Исто така, како и секоја година, беше организиран Национален ден на македонскиот штанд, на кој, освен претставници од македонската амбасада, како и од босанската и хрватската амбасада, присуствуваа и официјални претставници од националните штандови на повеќе соседни држави, учесници на саемот, но и претставници на македонските друштва во Германија.

Според резултатите, ако се сумира заинтересираноста на посетителите, извонредните реакции за презентацијата на Македонија, почнувајќи од оригиналниот штанд, спотовите за Македонија, кои постојано се вртеа на два големи тв-екрани, па преку проспектите за убавините на нашата држава, кои годинава се бараа дури и од азиски тур-оператори, до конкретната заинтересираност на агенти и издавачи за конкретни автори, односно објавување на неколку дела на наши автори во светот, како и неколку антологии на македонскиот расказ и поезија на повеќе светски јазици, без никаква дилема може да се каже дека годинашното претставување на македонската книга на најголемиот светски саем на книгата во Франкфурт може да се оцени како најуспешно досега. Сето тоа е постигнато со залагање на Библиотеката, која се покажа како одличен организатор и координатор на вакви преставувања, но секако и благодарејќи на односот и респектот на издавачите кон институцијата, која рамноправно, без протежирање или фаворизирање, беше своевиден заеднички именител на целокупната македонска книжевност, на македонското издаваштво и на сите македонски писатели во светот. Ваквите стандарди, особено понудата на што повеќе преведени книги на англиски јазик (но и на германски, француски или шпански јазик) мора да се практикува и во иднина за да може претставувањето на Меѓународниот саем на книгата во Фракфурт, но и на другите вакви саеми во светот, да донесе конкретни резултати за македонската култура.

Подготвиле: Б/М,Ј/Т

Галерија:

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846