Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје информира дека при вршење на интерна евиденција и попис на дел од капиталните проекти во Библиотеката, беше утврдено дека во магацинските простории се наоѓаат повеќе од 2.600 примероци од второто издание на „Правописот на македонскиот јазик“ од 2017 година.
По извршен увид во архивската и проектна документација, беше потврдено дека во 2018 година Библиотеката аплицирала и добила проект од областа на заштитата на културното наследство од национален интерес, поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, во вредност од 1.400.000 денари. Проектот бил наменет за:
• исплата на еднократен надомест на носителите на правата на Правописот, согласно Издавачки договор бр. 0307/76 и бр. 03-125/1 од 31.03.2017 година;
• дистрибуција на отпечатените примероци до сите релевантни јавни установи, библиотеки, училишта, факултети и институти во земјата, како и до лекторати и библиотеки надвор од државата.
За жал, поради нејасни околности, дистрибуцијата на овие примероци не била спроведена во изминатите речиси седум години, а примероците биле чувани во неадекватни услови.
Имајќи ја предвид огромната потреба и интересот за овој значаен нормативен ресурс, Библиотеката најавува дека отпочнува постапка за дистрибуција на „Правописот на македонскиот јазик“ до сите предвидени установи.
Во најкус можен рок, примероците ќе бидат достапни:
• во јавните библиотеки низ државата,
• во основните и средните училишта,
• на универзитетите, факултетите и институтите,
• како и во соодветни институции во странство.
Со оваа активност, НУБ ја исполнува својата обврска и мисија за ширење и поддршка на стандардниот македонски јазик и неговата достапност во образованието, науката и културата.
Со почит,
Јовица Никчевски
Директор на НУ – Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје