Обука за библиотекари

Обука за библиотекари

Една од значајните дејности на Библиотеката е континураното стручно образование и оспособување на библиотекарите од Република Македонија. Со организирање и одржување на повеќе разновидни курсеви, библиотекарите се стекнуваат со потребните стручни знаења од областа на библиотечното работење, како и со потребните знаења за активно учество во националниот библиотечно-информациски систем COBISS.MK.

Основни курсеви за библиотечно работење

За стекнување знаења за техничка, формална и содржинска обработка на библиотечниот материјал согласно меѓународно прифатените стандарди за обработка, негово чување и заштита, како и начините на кои може да се пребараат и да пронајдат информации во домашните и странските јавно достапни електронски каталози и бази на податоци, одделот Матична дејност и развој на библиотекарството ги организира следните основни курсеви за библиотечно работење:

  • Техничка обработка на библиотечен материјал (2 дена)
  • Каталогизација на монографски публикации (5 дена)
  • Каталогизација на сериски публикации (5 дена)
  • Каталогизација на некнижен материјал (стандарди ISBD(PM) и ISBD(NBM))(5 дена)
  • Систематизација и предметизација на библиотечниот материјал (5 дена)
  • Библиографска обработка на библиотечен материјал (5 дена)
  • Информациска дејност во библиотеките и бази на податоци (2 дена)

По завршување на секој курс се полага контролен испит. За положен испит се добива соодветен сертификат. Учеството за повеќето курсеви е „меѓусебно условено“ . Се одржуваат двапати годишно, во периодите пролет и есен.

За учество на курсевите е потребно да се пополни Пријава во која,покрај другите податоци, треба прецизно да се наведат сите курсеви за кои се пријавувате.

За учество на основните курсеви се плаќа котизација согласно Ценовникот.

Подетални информаци во врска со основните курсеви за библиотечно работење можете да добиете од одговорните лица во одделот Матична дејност.

Курсеви COBISS

Континуираната обука на корисниците на програмската поддршка COBISS е од суштинско значење за правилното функционирање и развојот на библиотечно-информацискиот систем COBISS.MK. За таа цел Центарот ВБМ секоја година организира обука на библиотекарите за користење на програмската поддршка COBISS, со избор на курсеви од програмата за обука на Институтот за информациски науки (ИЗУМ) од Марибор, Словенија.

Курсевите ги водат лиценцирани предавачи од Центарот ВБМ и инструктори од ИЗУМ, Словенија. По одржувањето на одделен курс потврдa за учество добиваат оние учесници кои присуствувале и го ислушале курсот во целост. Потврдата е предуслов учесниците да бидат заведени во централниот регистар на корисници кој го води ИЗУМ и да им се доделат соодветни овластувања за работа во системот COBISS.

Програмата за обука за COBISS за тековната година можете да ја преземете тука. Во неа се подетално наведени планираните курсеви и термините на одржување, начинот на пријавување (преземи Пријава), условите кога може да се следи одреден курс COBISS, привилегиите што се стекнуваат со секој курс и др.

За учество на основните курсевите се плаќа котизација согласно Ценовникот.

Подетални информаци во врска со курсевите COBISS можете да добиете од одговорните лица во Центарот ВБМ.

Обука за заемна каталогизација

Оспособувањето на библиотекарите за работа во системот на заемна каталогизација COBISS.MK започнува со следење на курсевите од Основната обука за библиотечно работење организирана од одделот Матична дејност и развој на библиотекарството во НУБ, на кои се изучуват правилата за формална и содржинска обработка на библиотечниот материјал. Потоа, оспособувањето продолжува со следење на пропишаните курсеви COBISS на кои библиотекарите се запознаваат со начинот и правилата за користење на програмската поддршка COBISS и форматите COMARC.

1. Користење на програмската поддршка /Каталогизација – креирање записи

Курсот е еден од условите за стекнување лиценца. На овој курс библиотекарите се запознаваат со основните принципи на функционирање на системот на заемна каталогизација COBISS, како и со форматите COMARC/B и COMARC/A.

Услов за учество на курсот е знаење од подрачјето на обработка на библиотечниот материјал, што библиотекарот го докажува со:

  • диплома за завршени студии од областа на библиотекарството, или
  • потврда за успешно положени курсеви од Основната обука за библиотечно работење кои се услов за следење на почетниот курс COBISS.

Откако ќе го посети курсот, учесникот добива овластување за креирање на записи во тестната околина за заемна каталогизација и овластување за дополнување на ограничена група библиографски податоци во локалната база на податоци на неговата библиотека.

2. Стекнување лиценца за заемна каталогизација

Постапката за стекнување лиценца за заемна каталогизација се одвива во согласност со Правилникот за издавање дозволи за заемна каталогизација.

Кандидатот најпрво мора да го посети курсот Користење на програмската поддршка COBISS2/Каталогизација – почетен курс. Откако по посетување на курсот ќе добие корисничко име за креирање записи во тестната околина на заемната каталогизација, практично се оспособува за стекнување лиценца на тој начин што во тестната околина самостојно креира 30 библиографски записи.

Кандидатите кои ги немаат положено курсевите за систематизација и за предметизација на библиотечниот материјал од Обуката за библиотечно работење е потребно во периодот на водењето на постапката за стекнување лиценца за заемна каталогизација истите да ги положат.

За постапката за стекнување лиценца за заемна каталогизација можат да се пријават само библиотекари со високо образование.

По стекнување на лиценцата за заемна каталогизација библиотекарот добива овластувања за креирање библиографски записи за монографски публикации во заемната база на податоци и во локалната база на податоци на својата библиотека.

За стекнување лиценца за заемна каталогизација се плаќа соодветен надомест согласно со Ценовник.

Проверката на знаењето за заемна каталогизација се одвива неколку пати годишно, во термини што се одредени со Програмата за обука COBISS.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846