Манифестацијата Ден на читателот посветена на читателите во Република Македонија, што ја организира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, ќе се одржи на 6 март 2017 година со доделување на престижната награда Најчитан автор за 2016 година.
Во склоп на овој празник на читањето и читателот, за љубителите на пишаниот збор и сите што ќе присуствуваат на настанот, подготвивме богата програма со која сакаме да го поттикнеме интересот за читање, за купување или позајмување книги, како и желбата да се посети некоја од библиотеките во Македонија. Во таа насока, а во чест на Денот на читателот, секој што ќе дојде да го проследи настанот, но и сите учесници во програмата, ќе добијат по една вредна книга како подарок.
На 10 март 2016 г., Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, за првпат ја организираше манифестацијата „Ден на читателот“ што беше целосно посветена на читателите во Република Македонија. На овој ден, во чест на читателите, кои го одредуваат најчитаниот македонски автор се додели и наградата „Најчитан автор“.