Порака од г-а Одре Азуле, генерaлeн директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право 23 април 2022

 

Книгите, уште одамна, ја отелотворуваат човечката способност за создавање светови, и реални и замислени, давајќи глас на различните човечки искуства. Тие ни помагаат да споделуваме идеи, да добиеме информации и да поттикнеме восхит за различни култури, овозможувајќи далекосежни форми на дијалог меѓу луѓето низ просторот и времето.

Непобитен е потенцијалот на книгите да му дадат чувство на исполнетост на човека и да создадат општествени промени. Според зборовите на познатата нигериска авторка Чимаманда Нгози Адичи: „Да се избере да се пишува значи да се отфрли тишината“.

Ова е причината зошто УНЕСКО е одлучно посветена на промовирање на пристапот до книгите и читањето – на пример, преку нашата програма Светска престолнина на книгата. Во 2022 година, мексиканскиот град Гвадалахара го презема називот Светска престолнина на книгата, со едногодишна програма којашто се фокусира на улогата на книгите и читањето во поттикнувањето општествени промени, борбата против насилството и градењето култура на мир.

Во моментов, и покрај важноста на книгите за одржување на социјалната благосостојба, издавачката индустрија се соочува со големи пресврти – пред сè, со дигиталната трансформација. Овие предизвици станаа навистина јасни за време на КОВИД-19, кога падот на приходите ја зголеми ранливоста на авторите и на продавачите на книги, како и на другите креативни професионалци низ синџирот на вредност. Исто така беше загрозена и културната разновидност, бидејќи бројот на објавени наслови неизбежно се намали.

Во несигурни времиња, мораме да ги цениме и браниме книгите како симболи на надеж и дијалог. Тоа значи да се солидаризираме со професионалците коишто го шират нашето книжевно наследство – писатели, уредници, издавачи и преведувачи. Овие професионалци, додека градат мостови меѓу континентите и културите, мора да бидат заштитени и да се признае нивната вредност.

УНЕСКО е цврсто посветена на оваа цел. Во време кога дигиталната технологија ја менува издавачката индустрија, ние се залагаме за правичен надомест за авторите и за заштита на културната разноликост. Ја поддржуваме работата на издавачите преку активности како што се партнерства со Меѓународниот форум на автори, Меѓународната федерација на библиотечни здруженија и институции и Меѓународната асоцијација на издавачи.

На Светскиот ден на книгата и авторското право, ги повикувам сите партнери на УНЕСКО да ја споделат пораката дека книгите се сила со којашто може да се справиме со современите предизвици, да ја разбереме политичката и економската реалност и да се бориме против нееднаквостите и дезинформациите. Раскажувањето приказни е неверојатно ефикасна алатка кога станува збор за едукација на помладите генерации.

Навистина, книгите се витални средства за пристап до пренесување и промовирање на образованието, науката, културата и информациите ширум светот. Поради оваа причина, секоја година, на 23 април – датум што го означува заминувањето на тројца големи автори на светската литература, Мигел де Сервантес, Вилијам Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега – ја славиме нивната волшебна моќ да поттикнат иновации, да генерираат знаење и да го сменат начинот на мислење.

DG/ME/ID/2022/19 - Оригинал: англиски

Објавено во Прес

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846