Република Македонија годинава ќе биде земја-домаќин на 6-та Конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа што ќе ја организира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, со поддршка на Министерството за култура.
Конференцијата ќе се одржи на 8 и 9 ноември 2017 г. во НУБ „Св. Климент Охридски“. Директорите на националните библиотеки на Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за можностите за размена на дигитални објекти, вклучување со заеднички активности во рамки на Европската година на културното наследство - 2018, а исто така ќе бидат разменети информации за актуелни и нови проекти.
По овој повод подготвена е камерна изложба „Пишувањето како ракотворење: словенски ракописи од 13 до 19 век од Археографската збирка во НУБ „Св. Климент Охридски“, на која ќе се обрати господин Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Република Македонија.
На 9 ноември (четврток) ќе се одржи работилница на тема Основната функција на библиотеките: Безбедно чување и заштита на кумулираното знаење на нацијата и на ракописното наследство што НУБ „Св. Климент Охридски“ ја организира во соработка со Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ од Софија.
Потоа ќе биде отворена изложба на плакати „Книги, правци и публика“ на која ќе бидат претставени материјали од фондовите „Ракописи и старопечатени книги“, „Ориентална збирка“ и „Бугарски историски архив“ на Националната библиотека на Бугарија.
На 4 септември во НУБ се одбележа четиригодишнината од основањето на Институот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На свеченоста на присутните им се обрати ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски кој е и претседател на Управниот одбор на Институтот „Конфуциј“. На честитките за понатамошна успешна работа на Институтот се придружи и министерот - советник на Амбасадата на НР Кина во Р. Македонија г. Мао Чингвен. На свеченоста присуствуваа: директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ г-ѓа Сенка Наумовска, проректорите на УКИМ проф. д-р Билјана Ангелова и проф. д-р Гордана Јосифова - Неделковска, деканот на Економскиот факултет проф. д-р Љубомир Дракулевски и директорката на Економскиот институт Татјана Петковска - Мирчевска.
Оваа свеченост беше особено значајна затоа што беше последната активност во која учествувше досегашниот кинески директор проф. Денг Шиџонг, кој му посака успешна работа на новиот кинески директор проф. д-р Лијао Веј.
Почитувани,
За вршител на должноста директор на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје од 4.8.2017 г. со Решение на министерот за култура е именувана Сенка Наумовска, која претходно беше раководител на одделението Стручна обработка на публикации и има долгогодишно искуство во систематизација и предметизација на библиотечен материјал и во едукација на библиотекари.
Европеана Europeana.eu ве повикува да учествувате во наградна игра!!!
За сите љубители на фотографијата, фотографи – аматери и професионaлци, Европеана и НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје ви подготвија летно изненадување.
Европеана е дигитална библиотека, музеј и архив каде се чува културно богатство од над 3000 институции од Европа. Натпреварот #PicThisEurope е инициран од Европеана и истиот претставува продолжение на дигиталната изложба на стари разгледници Picture this! Vintage postcards of Southeastern Europe во која, со разгледници од Скопје, кои се дел од фондот на посебните збирки, учествуваше и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје заедно со националните библиотеки од Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Натпреварот има цел да го промовира културното наследство отсликано на старите разгледници.
Европеана ве повикува да учествувате во овој натпревар со свои фотографии кои ќе прикажат како изгледаат денес објектите и знаменитостите што се претставени на разгледниците.
Испратете ги вашите фотографии на социјалните мрежи на Европеана Facebook, Twitter или на Instagram користејќи го симболот #PicThisEurope и наведете го градот и државата од каде е испратена фотографијата и станете добитник на една од наградите или бидете дел од изложбата Europeana Collections.
Фотографиите може да ги испраќате до 31 август 2017.
Погледнете ги правилата за учество на следната адреса bit.ly/PicThisEuropeMKD