Прес

Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" - Скопје

Има чест и задоволство да Ве покани на 15-тото одбележување на

Светскиот ден на книгата и авторското право - УНЕСКО

КНИГАТА – ДУХОВЕН ТРЕЗОР НА НАРОДИТЕ

Светскиот ден на книгата е еден од најубавите празници на човештвото, бидејќи книгата, иако не може, како што обично се вели, да го измени светот, таа со својата внатрешна светлина, со убавите пораки што ги содржи и што ги шири, го збогатува и го разубавува монотоното живеење на луѓето, давајќи му нова смисла и нов дух. Така, со сигурност можеме да кажеме, дека без книгата светот ќе беше многу посиромашен. Затоа и најголемото човечко откритие, по огнот, се смета  откритието на Гутенберг, или како што е наречено гутенберова галаксија. Тоа соѕвездие на книгата веќе го покрива целиот свет. Оттаму зрачат не само малите и големите животни истории на луѓето, не само страдањата, копнежите и идеалите на народите, туку и огромното јазично шаренило низ кое посебно, на својствен начин се изразува секој народ, секоја национална култура, што ја создава глобалната светска култура, да го парафразираме Гете, втемелувачот на големата идеја за единство на светот низ визијата на творештвото, а со богатството на националните различности и специфики.

Во таа разноликост и распространета галаксија на книгата, во таа глобална духовна географија, значајно место зазема и македонската книга.Ако пред сто и педесет години нашиот преродбеник Рајко Жинзифов, во својата страдалничка патетичност ќе ги испее стиховите : О, книги многубројни, што вие направивте за мојот народ… денешните македонски писатели се свесни дека нивните книги претставуваат  голема вредност во духовниот и национален подем на нашиот народ. За тоа сведочат и илјадниците изданија, како и големиот број преведени книги од светската  класика и од модерната белетристика на македонски јазик.За ова прашање, мудро проговори и Блаже Конески во својот есеј “Светскиот литературен процесс”, истакнувајќи го следново: “Почнат одамна, процесот на интеграцијата на пишуваната литература се одвиваше постепено низ вековите, прво во рамките на одделни доста изделени меѓу себе културни сфери, за да ги надмине нив и да се разгрне денеска во глобални размери”. Можеме да додадеме дека сето тоа се случи благодарение на книгата и на нејзиното распространување ширум светот.

За книгата се искажани пофални слова  од страна на многу значајни писатели и мислители.Во оваа пригода ќе го цитирам големиот кинески поет Лу Јуан, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, кој во својата беседа во Света Софија во Охрид, рече: “Книгата отвора врати во цел свет, а ако влезе во вашиот дом, таа останува таму како најголем трезор, од каде што зрачи среќата на универзумот.”

Раде Силјан

Скопје, 23 април 2010 година
Република Македонија

Почитувани,

Согласно Законот за култура (Сл. весник на РМ бр. 31/1998, член 48/49 и бр. 49/2003) реализацијата на CIP – записот е заемна обврска на издавачите во РМ и НУБ “Св. Климент Охридски”, Скопје. CIP– записот (каталогизација во публикација) е меѓународно препознатлив, стандардизираниот библиографски опис вграден во публикацијата.

За реализација на овие услуги НУБ “Св. Климент Охридски”, Скопје има одредени материјални трошоци, така што надомест за изготвување CIP – запис бил предвиден и со претходните акти на Библиотеката но, досега не бил во примена.

Согласно одлуката на Управниот одбор на Библиотеката, а врз основа на член 55 од Статутот на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” – Скопје и член 3 од Правилата за користење услуги, донесен е новиот Ценовник за користење услуги во НУБ,

Според овој Ценовник, надоместот за изготвување еден CIP – запис изнесува 300 ден., а со негова реализација ќе се отпочне од 01.05. 2010 год.

Наплатата, за еден или повеќе записи, се врши пред изготвувањето на записот, директно во службата за книговодство на Библиотеката или со образец ПП 50, на трезорската сметка на Библиотеката.

ПРИЛОГ: Копија од образецот ПП 50

Со почит,

Директор,
Миле Бошески

Скопје,
14.04. 2010 год.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846