Со едниот одобрен грант, две стручни лица – конзерватори, ќе ја посетат Националната и универзитетска библиотека на Словенија во Љубљана во чиј состав функционира посебен Центар за конзервација и реставрација. Со директно менторирање и следење на процесите во областа на конзервацијата и реставрацијата на библиотечните фондови, нашите конзерватори ќе осознаат современи техники и преку практични примери ќе се здобијат со нови вештини во полето на испитувањето и конзервацијата на библиотечни фондови. Исто така, конзерваторите ќе ги споделат нашите искуства во врска со методите за дезинфекција со методот на аноксија, методите за испитување (на пр. микрохемиски и преттретмански тестови итн.), како и методи за непосредна заштита на библиотечни фондови. Стекнатото знаење и размената на искуства ќе придонесе за воведување на нови работни методи и практики во областа на зачувување на културното наследство.
Со вториот грант, четири библиотекари од Одделението за дигитализација во НУБ ќе го посетат Одделението за дигитализација во Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија и ќе се сретнат со стручните лица од оваа библиотека со цел да реализираат кратка обука со размена на искуства и знаења, при што ќе се здобијат со нови практики и вештини во врска со процесот дигитализација.
Се очекува сорабоката меѓу библиотеките во овој домен да се интензивира, а крајната цел ќе биде размена на дигитализирани објекти. Покрај тоа, ќе се разгледаат можности за учество во проекти за заедничко аплицирање за европски фондови.