Иако во насловот на предавањето фигурираат два вида меморија поврзани со иднината на книгите, сепак, суштинската идеја на Ековиот пристап е дека постојат три вида на помнење: првото е органското, она што го претставува памтењето создадено и оформено од нашето тело и од крвта, а е раководено од нашиот мозок; второто е минералното памтење, при што постојат два вида на минерална меморија: едниот, што постои уште од пред повеќе милениуми а тоа е сеќавањето што се врзува за глинените плочки и за натписите на колосалните обелисци, и другиот вид на минерално сеќавање е она врзано за електронската меморија на денешните компјутери, засновано на „песокот“ од силиконската долина. Сепак, Еко во своето предавање најмногу внимание му посветува на третиот вид на меморија, оној врзан за растителното памтење и заснован на записите врз папирусите а потем и врз книгите направени од хартија, испишани рачно или отпечатени од Гутемберговата преса.
И иако Еко во своето предавање најмногу внимание им посветува на минералната и на растителната мемоморија, што е сосем нормално, зашто се врзува за отворањето на најмодерната библиотека во Египет на просторот на најстарата – онаа на Александар, а предавањето тој го завршува со зборовите на благослов: „Нека биде долговечен овој храм на растителната меморија“, сепак, јас во оваа своја кратка беседа за книгата, библиотеката и меморијата ќе го подвлечам најмногу значењето на органската меморија и ќе се обидам овој делумно подзаборавен вид на меморија да го рехабилитирам, зашто денес малкумина му обрнуваат некое поголемо внимание, а сите метафорично зборуваат за можниот судир помеѓу растителната и минералната цивилизација, отелотворени во можните синтагми за смртта на „гутемберговата цивилизација“ и за раѓањето и развојот на „маклуановската цивилизација“ потпомогната од информационите автостради.
На планот, пак, на толкувањето и високото вреднување на органската меморија, се сеќавам на својата прва средба за време на студиите по филозофија со две книги на Еко кои врз моето тело и врз моите мозочни сиви ќелии оставија силен печат: книгата од областа на естетиката „Отвореното дело“ и тукушто објавениот прв роман на овој фасцинантен филозоф и писател: „Името на розата“. Сеќавањето на новите светови што пред мене тогаш се отворија при читањето на овие книги и денес ме заплиснува со својата убавина и затоа укажувам дека, на Светскиот дена на книгата и на авторското право, е добро да се потсетиме на Умберто Еко (1932-2016), кој почина мината година, а кој постојано, и во своите книжевни и во своите теориски дела, укажуваше на важноста на книгите, на библиотеките, како и на меморијата која во овие светилишта на зборот суверено владее во име на бесмртните автори.