Прес

Празникот на средината на есента

Среда, 14 Септември 2016 09:34

Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Кинеското катче при НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје ќе организира одбележување на Празникот на средината на есента кое ќе се одржи на 15 септември о.г. (четврток) во 18,00 ч. во НУБ „Св. Климент Охридски“. Придружете ни се во славењето на овој традиционален празник кој со пригодна програма, кинески чај и месечеви колачиња ќе го одбележиме под полната месечина. 

Во прилог е информацијата за значењето и потеклото на овој значаен традиционален кинески празник. 

Според кинескиот лунарен календар, Празникот на средината на есента се слави на петнаесеттиот ден од осмиот месец во годината (според грегоријанскиот календар тоа е во септември или октомври), кога месечината е полна, најсветла и најголема. Во кинеската култура, полнотијата и кружниот облик на месечината ги симболизираат единството и сплотеноста на семејството. Ова е вториот најзначаен празник во кинеската традиција, по кинеската Нова година. За овој празник семејството се собира во родното место, децата од далеку се враќаат во домовите на своите родители и се посетуваат постарите роднини. Членовите на семејството, на зедничката трпеза, вечераат, јадат месечеви колачиња и се восхитуваат на полната месечина.

Во Кина месечевите колачиња се јадат само на овој празник. Овие кругли колачиња ја симболизираат месечината и семејниот круг, а се служат исечени на парчиња. Бројот на парчиња треба да биде онолку колку што е бројот на членовите на семејството. Месечевите колачиња се подготвуваат од пченично брашно и се полнат со сладок фил од шеќер и толчени лотосови семки. Освен овој традиционален фил има и други популарни филови како што се од црн сусам, ореви, сладок црвен грав, кандирано овошје, зелен чај итн.

Потекло на Празникот на средината на есента

Овој празник се одбележува во континуитет повеќе од 2000 години. За првпат овој назив, односно Празникот на средината на есента, се јавува во книгата „Обредите на Џоу“ напишана во периодот на завојувани држави (475-221 г. пр.н.е.).

Главната легенда поврзана со овој празник е за убавицата Чанге. Многу одамна на небото имало десет сонца кои сјаеле толку силно што убивале сè живо на земјата, вклучувајќи ги и луѓето. Еден ден стрелецот Хоу Ји, со својот лак и стрела, погодил девет од сонцата. Тие паднале и исчезнале, а тој со тоа го спасил човештвото. Кралицата Мајка на Западот го наградила Хоу Ји со шишенце магичен напиток за бесмртност. За жал, во шишенцето имало доволно магичен напиток само за еден човек. Хоу Ји, и покрај тоа што сакал да стане бесмртен, сепак не го испил бидејќи повеќе сакал да биде заедно со својата љубена Чанге. Заради славниот подвиг, од сите краишта на земјата доаѓале јунаци со надеж дека Хоу Ји ќе им биде учител. Меѓу учениците се издвојувал Панг Менг, добар стрелец, но со скриен мотив. Тој го посакувал напитокот за бесмртност. Еден ден тој се преправал дека е болен, па ја замолил Чанге, на која Хоу Ји ѝ го доверил шишенцето со напиток на чување, да му даде да се напие од напитокот. Таа, знаејќи дека не може да го надвладее Панг Менг го испила напитокот и веднаш полетела кон месечината и станала бесмртна. Хоу Ји, скршен од тага, подготвил софра која ја изнел на отворено под месечината со надеж дека понадата ќе ја врати Чанг’е. Оваа легенда се врзува со обичајот на подготовка на храна како и обожавањето на месечината за време на овој празник.  

 

 

 

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846