Прес

100 ГОДИНИ ДАДАИЗАМ - РАЃАЊЕ НА АВАНГАРДНИОТ РОМАН

Понеделник, 30 Мај 2016 10:56

Утре (31.5.2016 г./вторник), со почеток во 12 часот, во Центарот за конференции и студии ќе се одржи седмиот настан во рамки на серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Настанот е насловен „100 ГОДИНИ ДАДАИЗАМ - РАЃАЊЕ НА АВАНГАРДНИОТ РОМАН“ и ќе биде посветен на француската книжевност.

На творечките принципи на дадаистите и авангардниот роман ќе се осврне книжевниот критичар, теоретичар и писател Данило Коцевски.

 Пролетта 1916 година, точно пред 100 години, во кабарето Волтер, во Цирих, роден е дадаизмот, едно од најмаркантните авангардни движења од првите децении на XX век. Она што го донесе дадаизмот во тогашната европска и светска констелација беше своевидниот бунт и отпор против догмите и клишеата на граѓанското општество во сите сфери, духовни, уметнички, општествени. Дадаистите се залагале за антиуметност, доведувајќи ја во прашање синтаксата, смислата и значењето на текстот, упорно настојувајќи во општеството да се урнат лажниот морал, хипокризијата и стереотипите, и сето тоа да се оспори и да се дискредитира. Во тој контекст посебна улога има и францускиот дадаизам, кој во Франција добива особена боја и значење. Авангардистичките превирања, уривањата на старото и трагање по новото доведуваат до бројни жанровски мешања и новини, па тука секако може да се издвои делото „Авантурите на Телемах“ од Луј Арагон, кое во превод на македонски јазик е неодамна објавено во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“. Поигрувајќи се со стереотипите и клишеата на класичниот роман, тој го деструира, користејќи разни постапки, со што остварува еден пастиш и парафраза на Хомеровата „Одисеја“, но и на некои романи од XVII и XVIII век. Со оваа авангардна, лирско-наративна миксажа на постапките, и со специфичното присуство на потсвесното и имагинативното, се отвора патот кон надреализмот.

Сите посетители ќе можат да ги разгледаат и / или купат книгите од француските автори преведени на македонски јазик, објавени во капиталните издавачки проекти.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846