Прес

Светскиот ден на книгата и авторското право

Петок, 20 Мај 2016 09:40

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје свечено се одбележа 23 април - Светскиот ден на книгата и авторското право. По овој повод, а во чест на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски и 400-годишнината од смртта на Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир, беше подготвена  богата програма.

 Во поздравната реч директорот на Библиотеката д-р Иван К. Заров, порача, дека со чествувањето на книгата се чествува колективната историска меморија на човештвото. За св. Климент Охридски истакна дека е личност која со силата на сопствениот творечки гениј ги пренесува, синтетизира и издигнува, на повисоко ниво, идеите на византиската цивилизација на старословенски јазик, воведувајќи го словенскиот род во семејството на цивилизирани европски народи.

Обраќање, по повод одбележувањето на Де Сервантес и Шекспир, имаа амбасадорот на Шпанија во Македонија, Рамон Абароа Каранса и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет.

 Љупчо Тодоровски-Упа ја изведе „Служба за свети Климент Охридски“, а фрагменти од делата на Шекспир и Де Сервантес насловени како „Ѕирни во ковчежињата на фикцијата“ изведоа студентите од Катедрата за англиски јазик и книжевност и групата за шпански јазик и книжевност од Катедрата за романска филологија при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје.

 По повод светскиот ден на книгата се прочита и пораката на Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, а македонската порака ја упати драмскиот писател и режисер Љубиша Георгиевски. Традиционално се делеа книги и рози на сите присутни, љубители на пишаниот збор.

Предавање на тема „Политиката и владеењето во животот и делото на Мигел де Сервантес“ одржа д-р Карлос Флорес Хубериас, професор по компаративно право на Универзитетот во Валенсија и почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

Беше прикажан и анимираниот филм за деца „Donkey Xote“, а во музичкиот дел од чествувањето настапија студентите по гитара и соло-пеење од Факултетот за музичка уметност.

                                

 

 

           

                                

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846