д-р Сенка Наумовска, лекар специјалист, е библиотекар со долгогодишно искуство во систематизација и предметизација на библиотечен материјал, како и во едукација на библиотекари и учество и работа на домашни и меѓународни проекти.
Прирачникот за универзална децимална класификација е единствениот библиотечен едукативен материјал подготвен според Британскиот институт за стандарди (British Standard Institute) и изданијата на Конзорциумот на УДК со седиште во Хаг. Тој претставува неопходна литература за сите библиотекари, особено оние кои се вклучени во подготвување односно класифицирање на информациите, како и во нивното пребарување. Покрај тоа, оваа стручна публикација е корисно и неопходно четиво за студентите што го изучуваат предметот библиотекарство на различни студиски програми.
Универзалната децимална класификација (УДК) е најмногу користена класификациска шема во сите сфери на знаењето, што се користи во националните и специјализираните библиотеки, библиографски, дoкументациски и информациски служби во повеќе од 130 држави во светот и е издадена на повеќе од 50 јазици.
Користењето на УДК, како универзален вештачки јазик, овозможува достапност на информациите и документите напишани на кој и да е јазик.
Со оглед на погодностите што ги дава примената на УДК во размената на националните и интернационалните духовни, научни и културни вредности, веруваме дека оваа класификација ќе продолжи да се развива и да се софистицира и во новата интернет-галаксија.