Со задоволство ве информираме дека на штандот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, на Саемот на книгата, денес (18. април) во 13.00 часот ќе биде претставена новата поетска книга од Владимир Илиевски што излезе деновиве под насловот Брзината не убива. За книгата ќе зборуваат издавачот и литературен критичар Нове Цветановски и поетот, критичар и есеист Јовица Тасевски Етернијан. Авторот, Владимир Илиевски, ќе прочита избор од песните објавени во книгата.
Владимир Илиевски е автор на седум поетски книги и една книжевна научна студија. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје. Застапен е во неколку антологии на македонската поезија. Негови песни се преведени на бугарски, хрватски, српски и руски, украински, англиски, италијански и литвански јазик.