Прес

ДЕН НА ЧИТАТЕЛОТ

Среда, 02 Март 2016 12:53

ДЕН НА ЧИТАТЕЛОТ

10 март (четврток) во 11,00 часот

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, оваа година за првпат ја организира манифестацијата „Ден на читателот“ што ќе биде целосно посветена на читателите во Република Македонија.

Во чест на читателите, кои учествуваат во одредувањето на најчитаниот македонски автор според доставените податоци од јавните библиотеки ​во Република Македонија ​за бројот на позајмени книги и интересот на корисниците, традиционалната награда „Најчитан автор“ почнувајќи од година​ва​ ќе се доделува на „Денот​ на читателот“. Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, д-р Иван К. Заров, јавно ќе го соопшти добитникот и на пригодна свеченост ќе ја додели наградата.

Во рамки на програмата на манифестацијата ќе се одржи трибина посветена на читателот како една од најважните алки во библиотечната дејност и активен ​учесник​ во рецепцијата на​ книжевните​ дела​. Трибината има за цел презентација и размена на предлози и иницијативи за привлекување нови корисници и за поттикнување на читањето, ќе бидат претставени искуствата на библиотеките поврзани со корисниците и начините на популаризација на книгата, а исто така ќе се дискутира и за односот меѓу авторите, творештвото, издавачите и читателската јавност. Трибината ќе биде отворена и на неа освен претставници на библиотеките, ќе земат учество и писатели, преведувачи и издавачи, а ќе можат да партиципираат и заинтересираните читатели.

На овој ден сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на манифестацијата ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од афирмираните македонски писатели чии дела се објавени во едицијата 135 тома „Македонска книжевност“, како и изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ по исклучително ниски цени. Исто така, на секој корисник на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје што ќе се легитимира со членска карта, на овој ден ќе му биде подарена една книга од новата издавачка продукција во Република Македонија, од изданијата што се субвенционирани од Министерството за култура. 

Манифестацијата „Ден на читателот“, ќе се одржи на 10 март 2016 г. (четврток), со почеток во 11 часот, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во соработка и со учество на јавните библиотеки во Република Македонија.  

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846