Прес

Вчера во Загреб завршија Деновите на македонската книжевност во Хрватска

Среда, 07 Октомври 2015 15:30

   Со репрезентативна изложба на книги, преведени од македонски на хрватски јазик, авторско претставување на македонските писатели Блаже Миневски, Лидија Димковска и Владимир Илиевски, како и со богата  и содржајна дискусија на тркалезната маса посветена на преводот и преведувањето, односно можностите за збогатување на фондот на преведени дела од македонски на хрватски јазик и обратно, вчера во Загреб завршија Деновите на македонската книжевност во Хрватска.

   На свеченото отворање на изложбата свое обраќање имаа директорите на Националните библиотеки на Хрватска и Македонија, д-р Татјана Петриќ  и д-р Иван К. Заров, помошникот-министер за култура на Хрватска, Владимир Стојсављевиќ, а изложбата ја отвори г. Мачеј Анджеј Качоровски, советник во амбасадата на Македонија во Хрватска. Настапот на македонските писатели Блаже Миневски, Лидија Димковска и Владимир Илиевски, кои читаа извадоци на македонски јазик со превод на хрватски јазик, го проследија голем број хрватски писатели, љубители на пишаниот збор, пријатели на Македонија и македонската литература, како и Македонци кои живеат и работат во Загреб.  Македонските писатели остварија контакти со хрватски издавачки куќи заинтересирани за објавување на нивни дела на хрватски јазик. Во таа насока беше организирана и  трибината за преводот, со модераторство на проф. д-р Борислав Павловски и со учество на уредници на издавачки куќи и преведувачи од македонски на хрватски јазик, меѓу кои и Ивица Баковиќ, Маја Мастнар-Цар и други.   Беше констатирано дека  соодносот на преведени книги од хрватски на македонски и обратно е во огромна диспропорција, односно бројот на хрватски книги преведени во Македонија во изминаативе две и пол децении е за осум пати поголем во споредба со македонските книги преведени во Хрватска, што секако отвора можност за многу поголем ангажман во однос на претствувањето, промовирањето и поддршката  на преводот на дела од македонската книжевност во регионот но и пошироко. Присутните беа информирани и за отворениот конкурс на македонското Министерство за култура  за поддршка на превод на македонски дела на други јазици, како и за деталите во врска со  апликацијата и конкурирање за средства за поддршка на преводот на релевантни македонски дела на хрватски јазик.     

            Следната година овој проект за претставување на соседните книжевности на Балканот продолжува со реципрочна соработка со бугарската Национална библиотека, а потоа и со словенечката, црногорската, босанската, романската... Притоа основната идеја на овој концепт е со конкретна комуникација меѓу книжевностите на земјите од Југоисточна Европа, не само да се потврди и поддржи потребата за меѓусебно приближување,  размена и превод на врвни книжевни дела, туку да се отворат и нови можности за уште поголема културна комуникација на  народите од овој дел на  Европа.  

http://www.nsk.hr

 

                                

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846