Прес

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ ВО ХРВАТСКА

Четврток, 01 Октомври 2015 11:58

   Делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје предводена од директорот, д-р Иван К. Заров, ќе престојува во дводневна официјална посета (5 и 6 октомври 2015 г.) на Националната и универзитетска библиотека во Загреб, Хрватска при што директорот Заров ќе оствари работна средба со д-р Татијана Петриќ, новоименуваната директорка на Хрватската национална библиотека и ќе присуствува на манифестацијата Денови на македонската книжевност во Хрватска, која опфаќа  репрезантативна изложба на книги преведени од македонски на хрватски јазик во периодот од 1990 до 2015 г., со гостување и настап на тројца македонски писатели, и тркалезна маса посветена на преводот и преведувањето, како и на можностите за збогатување на фондот на  преведени дела од македонски на хрватски јазик и обратно.

   На свеченото отворање на изложбата свое обраќање ќе имаат директорите на Националните библиотеки и помошникот министер за култура на Р. Хрватска, г. Владимир Стојсављевиќ, додека изложбата ќе ја прогласи за отворена г. Мачеј Анджеј Качоровски, советник во амбасадата на Р. Македонија во Р. Хрватска.  Македонските писатели Лидија Димковска, Блаже Миневски и Владимир Илиевски ќе читаат извадоци од свои познати дела на македонски јазик со превод на хрватски јазик, а следниот ден ќе учествуваат на трибината за преводот, чиј координатор ќе биде проф. д-р Борислав Павловски. Најавено е учество на повеќе издавачи, книжевни агенти и писатели од Хрватска, меѓу кои Ивица Баковиќ, Маја Мастнар-Цар и други, при што тие ќе бидат информирани за отворениот конкурс за поддршка на превод на македонски дела на други јазици, како и за деталите во врска со  апликацијата и конкурирање за средства за поддршка на преводот на релевантни македонски дела на хрватски јазик.

   По претставувањето на хрватската  книжевност во Скопје во 2014, ова е возвратна манифестација за претставување на македонската книжевност во Хрватска која сметаме дека ќе иницира поинтензивна соработка за меѓусебно приближување и запознавање на книжевностите на соседните земји.

   Следната година овој проект продолжува со реципрочна соработка со бугарската Национална библиотека, а потоа и со словенечката, црногорската, босанската, романската итн. Основната идеја на овој концепт е дека со конкретна комуникација меѓу книжевностите на земјите од Југоисточна Европа не само што ќе се потврди и поддржи потребата за меѓусебно приближување,  размена и превод на врвни книжевни дела туку ќе се отворат и нови можности за уште поголема културна комуникација на  народите од овој дел на  Европа.  

ПОКАНА ЗА ПРИСУСТВО   http://www.nsk.hr

 

 

           

                                

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846