Прес

81 конференција на Меѓународната федерација на библиотекарски асоцијации (IFLA)

Петок, 28 Август 2015 05:57

Центар на книгата, КејптаунВо Кејптаун, во Јужноафриканската Република, од 15 до 22 aвгуст 2015 г., се одржа 81-та конференција на Меѓународната федерација на библиотекарски асоцијации (IFLA). Во своето поздравно обраќање пред повеќе од 2000 гости и учесници, во Конференцискиот центар на Кејптаун, претседателката на IFLA, г-ѓа Синика Сипила, ја искажа својата благодарност и воедно упати признание за развојот на библиотечната дејност на Африканскиот континент. Темата на овогодишната конференција беше Динамични библиотеки: пристап, развој и трансформација. Претседателката Синика ја истакна улогата на библиотеките во градењето силни граѓански општества, јакнењето на демократијата, како и борбата со сиромаштијата, невработеноста и незнаењето.

Во рамките на Конференцијата на IFLA, во Центарот на книгата на Јужноафриканската Република, се одржа и традиционалната средба на директорите на националните библиотеки (CDNL) од цел свет. На средбата се обратија претседателот на асоцијацијата, г. Каи Екхолм, директор на Финската национална библиотека и заменик министерот за култура на Јужноафриканската Република, г-ѓа Риџојс Мобудафаси.

На конференцијата се разгледаа стратешките приоритети и заложби во воспоставувањето на глобална дигитална стратегија со посебна презентација на искуствата на Националните библиотеки на Велика Британија и Франција, соодветно претставени од директорите на овие две еминентни библиотеки, г-н Роли Китинг и г-н Бруно Расин, во однос на заштитата и презентацијата на културното наследство и предизвиците на новото време пред кои се исправени Националните библиотеки.

На конференцијата на ИФЛА во Кејп Таун, како претставник на Република Македонија учествуваше и директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, д-р Иван К. Заров. Следната, 82-ра конференција на IFLA, ќе се одржи во Колумбус, Охајо, САД,  2016 година.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846