Прес

70 години од основањето на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје

Четврток, 04 Декември 2014 11:22

Централната прослава на јубилејот - 70 години од основањето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и одбележувањето на патрониот празник на институцијата, ќе се одржи на 5.12.2014 година (петок).

Прославата ќе почне во 11.00 часот со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски (пред Библиотеката), а хорот „Хармосини“ ќе ја исполни композицијата „Тропар на свети Климент Охридски“, со што ќе биде оддадена почит на патронот на НУБ „Св. Климент Охридски“.

Во рамки на прославата и во контекст на 70-годишниот јубилеј, за досегашниот придонес на Библиотеката во општествениот развој на државата, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ќе ѝ додели Орден за заслуги за Македонија на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје.

На свечената церемонија, по изведбата на химната на Република Македонија, ќе се обратат претседателот д-р Ѓорге Иванов, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, д-р Иван К. Заров, кој ќе се осврне на најзначајните моменти од историјатот на Библиотеката и на досегашниот развој на институцијата и д-р Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура на Република Македонија.

На свеченоста ќе присуствуваат високи претставници на Владата на Република Македонија, дипломатскиот кор и на културната, научната и образованата елита.

По завршувањето на церемонијалниот дел на доделување на Орденот за заслуги за Македонија, ќе бидат изведени композициите „Достојно јест“ и „Кратима“, а потоа ќе биде отворена изложбата „Од ризницата на НУБ“ која е организирана специјално по овој повод и преку која на присутните ќе им биде презентиран мал дел од културното богатство што го поседува Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски.

По повод 70-годишниот јубилеј, НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје подготви и објави Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ од основањето до 2014 година, со цел да се прикаже целокупната досегашна издавачка дејност на Библиотеката. Оваа монографска публикација содржи и предговор за улогата и високото место кое Библиотеката веќе седум децении го зазема во Пантеонот на македонската култура и за внедреноста на оваа врвна институција во фундаментите на општествениот подем на македонската државност, како и текст за историјатот на Библиотеката од 1944 до 2014 година.

На прославата ќе бидат промовирани уште три други изданија: специјалната библиографија посветена на патронот свети Климент Охридски, испечатена во 2014 година, како и две дигитални публикации „Седум научни средби во чест на свети Климент Охридски“ и ДВД од научната средба насловена „Свети Климент Охридски во ликовното творештво“.

Во вториот дел од свеченоста ќе им бидат доделени Светиклиментови грамоти на претходните директори на НУБ „Св. Климент Охридски“ и на неколку личности кои имаат дадено значаен придонес за Библиотеката, а исто така ќе се одржи и традиционалното доделување награди на вработени во Библиотеката кои одбележуваат 10, 20 и 30 години работа во НУБ „Св. Климент Охридски“, како и на вработените кои се пензионирале во текот на 2014 година.

Во рамки на прославата ќе биде доделена наградата „Библиотека на годината“ од Библиотекарското здружение на Македонија, а од страна на НУБ „Св. Климент Охридски“ на библиотеката-добитничка ќе ѝ биде доделен пакет со стручни и други изданија.

Покана

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846