Прес

Втора конференција на директорите на Националните библиотеки од Југоисточна Европа

Вторник, 05 Ноември 2013 15:25

На 12 и 13 октомври 2013 година во Националната библиотека на Црна Гора „Ѓурѓе Црнојевиќ“ - Цетиње, под покровителство на Министерството за култура на Република Црна Гора, се одржа Втората конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа. На конференцијата учестуваа директорите на националните библиотеки на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, вршителот на функцијата директор на Народната библиотека на Србија и претставници од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје.

Централна тема на конференцијата беше „Соработката на националните библиотеки од Југоисточна Европа во областа на заштитата и презентацијата на културното наследство“. Учесниците на конференцијата се согласија со фактот дека одреден дел од културното наследство во светот, па консеквентно и во регионот, сè уште е во незавидна состојба, односно е оштетен од влијанието на субјективните и објективните фактори, но и заради неефикасните механизми на заштита. Соодветно, разбирлива е тенденцијата заштитата, чувањето и презентацијата на културното наследство, во рамките на денешните современи општества да бидат препознаени како приоритетни активности.

Учесниците на конференцијата со свои излагања ги претставија состојбите и активностите кои во рамките на заштитата и презентацијата ги карактеризираат нивните средини и по исцрпна дискусија предложија конкретни активности за соработка и тоа: подготовка на заеднички централен регистар на заштитеното културно наследство во регионот, интеграција на дигиталните колекции на националните библиотеки во единствен интернет-портал на пишаното културно наследство од просторот на Југоисточна Европа, подготовка на интернет-портал на кој ќе се најдат делата на најзначајните автори од областа на литературата, уметноста и науката на земјите од регионот, подготовка на заеднички проект кој ќе има за цел воспоставување на регионална мрежа за поддршка на активностите на националните библиотеки во областа на заштитата, конзервацијата и реставрацијата, валоризацијата, документацијата и презентацијата на националните културни наследтва, како едно заедничко богатство. Во оваа смисла беа предложени различни видови соработки од аспект на стручни престои и заеднички проекти на професионалци од оваа област, „патувачки“ изложби на стари и ретки книги, како и виртуелни изложби, сè со цел достапност на овие вредни колекции до различни категории корисници.

Оваа конференција, која од минатата година прерасна во годишна средба на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа, е ден вид продолжение на иницијативата која НУБ „Св. Климент Охридски“ ја започна со организирањето на регионалната средба „Националните политики и стратегии за заштита и достапност до културното наследство“ во јуни 2010 година во Скопје.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846