Прес

Договори за соработка со Унгарија

Среда, 19 Септември 2012 00:00

На 17 и 18 септември, Миле Бошески, директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Република Македонија, со своите соработници ја посети Националната библиотека Сечењи и Националната библиотека за странска литература во Будимпешта, Унгарија и со директорите на овие библиотеки потпиша Договори за соработка. Тоа подразбира проширување на меѓусебната соработка преку размена на стручен кадар од областа на библитекарството и информациските науки и размена на искуства, учество во меѓународни проекти и организирање културни манифестации за приближување и запознавање на културите на двата народа. Македонската Национална библиотека на двете библиотеки им подари по еден комплет од „130 тома македонска книжевност“.

На 18 септември, г. Дарко Ангелов, амбасадор во Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта и директорите на двете национални библиотеки по повод одбележување на 21. годишнина од независноста на Република Македонија ја отворија изложбата „Современо македонско издаваштво“ поставена во прекрасен амбиент во Библиотеката Сечењи. На свеченоста присуствуваа високи претставници од политичкиот и културниот живот во Унгарија, дипломатскиот кор и претставници на други странски претставништва. На изложбата се претставени околу 300 монографски публикации од издавачката дејност во последниве неколку години во Македонија. Повеќето наслови го презентираат македонскиот јазик, книжевноста и културното наследство. Централното место има едицијата „130 тома македонска книжевност“ која ја претставува долгогодишната писмена традиција во Македонија.

Изложбата е збогатена со 12 фрагменти, копии од Старословенските ракописи што се чуваат во Археографската збирка во НУБ со што ја претставуваат 1100-годишната писмена традиција на територијата на Македонија.

Настанот е организиран во соработка меѓу Националните библиотеки на Македонија и Унгарија, Амбасадата на Македонија во Будимпешта и Лекторатот за македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846