Прес

Порака од г-а Одре Азуле, генерaлeн директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право 23 април 2022

 

Книгите, уште одамна, ја отелотворуваат човечката способност за создавање светови, и реални и замислени, давајќи глас на различните човечки искуства. Тие ни помагаат да споделуваме идеи, да добиеме информации и да поттикнеме восхит за различни култури, овозможувајќи далекосежни форми на дијалог меѓу луѓето низ просторот и времето.

Непобитен е потенцијалот на книгите да му дадат чувство на исполнетост на човека и да создадат општествени промени. Според зборовите на познатата нигериска авторка Чимаманда Нгози Адичи: „Да се избере да се пишува значи да се отфрли тишината“.

Ова е причината зошто УНЕСКО е одлучно посветена на промовирање на пристапот до книгите и читањето – на пример, преку нашата програма Светска престолнина на книгата. Во 2022 година, мексиканскиот град Гвадалахара го презема називот Светска престолнина на книгата, со едногодишна програма којашто се фокусира на улогата на книгите и читањето во поттикнувањето општествени промени, борбата против насилството и градењето култура на мир.

Во моментов, и покрај важноста на книгите за одржување на социјалната благосостојба, издавачката индустрија се соочува со големи пресврти – пред сè, со дигиталната трансформација. Овие предизвици станаа навистина јасни за време на КОВИД-19, кога падот на приходите ја зголеми ранливоста на авторите и на продавачите на книги, како и на другите креативни професионалци низ синџирот на вредност. Исто така беше загрозена и културната разновидност, бидејќи бројот на објавени наслови неизбежно се намали.

Во несигурни времиња, мораме да ги цениме и браниме книгите како симболи на надеж и дијалог. Тоа значи да се солидаризираме со професионалците коишто го шират нашето книжевно наследство – писатели, уредници, издавачи и преведувачи. Овие професионалци, додека градат мостови меѓу континентите и културите, мора да бидат заштитени и да се признае нивната вредност.

УНЕСКО е цврсто посветена на оваа цел. Во време кога дигиталната технологија ја менува издавачката индустрија, ние се залагаме за правичен надомест за авторите и за заштита на културната разноликост. Ја поддржуваме работата на издавачите преку активности како што се партнерства со Меѓународниот форум на автори, Меѓународната федерација на библиотечни здруженија и институции и Меѓународната асоцијација на издавачи.

На Светскиот ден на книгата и авторското право, ги повикувам сите партнери на УНЕСКО да ја споделат пораката дека книгите се сила со којашто може да се справиме со современите предизвици, да ја разбереме политичката и економската реалност и да се бориме против нееднаквостите и дезинформациите. Раскажувањето приказни е неверојатно ефикасна алатка кога станува збор за едукација на помладите генерации.

Навистина, книгите се витални средства за пристап до пренесување и промовирање на образованието, науката, културата и информациите ширум светот. Поради оваа причина, секоја година, на 23 април – датум што го означува заминувањето на тројца големи автори на светската литература, Мигел де Сервантес, Вилијам Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега – ја славиме нивната волшебна моќ да поттикнат иновации, да генерираат знаење и да го сменат начинот на мислење.

DG/ME/ID/2022/19 - Оригинал: англиски

 

НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Друштвото на писателите на Македонија и Фондацијата Небрегово, ве покануваат на манифестацијата во чест на Блаже Конески и неговото дело. Ќе проследите свечено отворање на изложбата „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“ подготвена од тим во библиотеката, читање познати песни од Блаже Конески од страна на членови на Друштвото на писателите и поетски пораки упатени од членови на Фондацијата Небрегово.


Во прилог Библиографија на застапените публикации од изложбата посветена на јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

 

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846