Изложби

БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА МЕЃУ НАЦИОНАЛНИТЕ БИБЛИОТЕКИ НА МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

Понеделник, 04 Декември 2017 08:30

Во рамки на конференцијата на директорите на националните библиотеки на Југоисточна Европа и согласно договорот за соработка што го имаат потпишано Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и Националната библиотека „Св.св. Кирил и Методиј“ од Софија,  на иницијатива на бугарската страна, се одржа работилница на тема Основната функција на библиотеките: Безбедно чување и заштита на кумулираното знаење на нацијата и на ракописното наследство.

На работилницата учествуваа експерти од одредени дејности од Националните библитеки на двете држави. Учесниците на работилницата имаа подготвено особено интересни и корисни презентации за конзервација и реставрација на библиотечен материјал и дигитализација, при што тие разменија информации за нови постапки во заштитата на библиотечните фондови. Стручни лица од НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје ги презентираа Одделението за заштита, Одделението Збирки и Археографски центар, Збирката за ликовни уметности и процесите на дигитализација. Потоа гостите ја посетија Лабораторијата за конзервација и реставрација во НУБ каде имаа можност да го видат системот на аноксиа (третман за дезинфекција од биолошки штетници), како и Центарот за дигитализација каде им беше презентирана опремата со која дигитализираме и на која се зачувуваат дигиталните објекти.

Истиот ден беше отворена и патувачката изложба на постери подготвена од колегите од бугарската библиотека, а поддржана од европски фондови.  Изложбата насловена Книги, правци и публика : од фондовите на Националната библиотека на Бугарија, претставува копии од бугарското културно наследство што се чува во збирките „Ракописи и старопечатени книги“,„Ориентална збирка“ и Бугарски историски архив“.

 

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846