Изложби

Конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Eвропа

Четврток, 09 Ноември 2017 12:15

Република Македонија годинава ќе биде земја-домаќин на 6-та Конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа што ќе ја организира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, со поддршка на Министерството за култура.

Конференцијата ќе се одржи на 8 и 9 ноември 2017 г. во НУБ „Св. Климент Охридски“. Директорите на националните библиотеки на Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за можностите за размена на дигитални објекти, вклучување со заеднички активности во рамки на Европската година на културното наследство - 2018, а исто така ќе бидат разменети информации за актуелни и нови проекти.

По овој повод подготвена е камерна изложба „Пишувањето како ракотворење: словенски ракописи од 13 до 19 век од Археографската збирка во НУБ „Св. Климент Охридски“, на која ќе се обрати господин Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Република Македонија.

На 9 ноември (четврток) ќе се одржи работилница на тема Основната функција на библиотеките: Безбедно чување и заштита на кумулираното знаење на нацијата и на ракописното наследство што НУБ „Св. Климент Охридски“ ја организира во соработка со Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ од Софија.

Потоа ќе биде отворена изложба на плакати „Книги, правци и публика“ на која ќе бидат претставени материјали од фондовите „Ракописи и старопечатени книги“, „Ориентална збирка“ и „Бугарски историски архив“на Националната библиотека на Бугарија.


 

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
kliment [at] nubsk.edu.mk
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846