Како дополнување на изложбата Гете-герилците Ана Ристеска и Андреј Анчевски ќе го претстават проектот „ТРИЈАЛОГ“. 3 цртачи цртаа истовремено во Сараево, Херцег Нови и Скопје и заеднички изработија цртежи и стрипови кои во оваа прилика премиерно ќе бидат претставени пред пошироката публика.
16 ученици и ученички минатата година учествуваа на стрип-работилницата на Гете-институт во Скопје. Фестивалот за слика и филм - BUF ги претставува резултатите во стрип-публикацијата наменета за читање, пишување и која може да служи како дополнителен материјал за наставата по германски јазик.
Во изложбата конципирана од Гете-институт и Матијас Шнајдер се претставуваат две генерации германски стрип-цртачи: стрип-авангардата која го трасираше патот на независната германска стрип-култура, како и генерацијата млади стрип-цртачи чии публикации се карактеризираат со нови естетски и наративни аспекти.
Преку изложбата „Стрипови, манга & ко – новата германска стрип-култура“ и каталогот со текстови од Матијас Шнајдер публиката ќе добие увид во разноликиот свет на германските стрипови, а освен тоа ќе може и дополнително да се информира на веб-страната Deutschsprachige Comics
Изложбата ќе биде прикажана во рамки на Детскиот фестивал за слика и филм - БУФ, организиран од Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје во соработка со Кинотеката на Македонија и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје.
„Тријалог“ претставува нова форма на креативна соработка меѓу млади уметници од Балканот и се стреми кон поврзување и афирмирање на уметниците преку нивна
заедничка работа. Во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје ќе бидат претставени резултатите од првата фаза на овој проект кои произлегуваат од колаборацијата на првата група учесници - Филип Пајдаков (Македонија), Вања Викало (Црна Гора) и Александар Золотиќ (Србија).
Со помош на дигитални табли за цртање и openCanvas - бесплатен софтвер за колаборативно цртање преку интернет тројцата учесници имаа можност заедно и истовремено на едно „платно“ да креираат дела на тема „Град”. Притоа секој од цртачите може своите замисли да им ги пренесе на останатите исклучиво на сопствениот визуелен јазик, а во меѓувреме развојот на целиот креативен процес што се одвива на екранот е документиран со screen capture. Целта на видео-материјалот е да се добие поблиска претстава за тоа како и покрај географската оддалеченост уметниците во реално време ги наоѓаат своите синергии, како меѓусебно си ги пренесуваат идеите и како и дали заеднички ја подобруваат самата комуникација, но и заедничките дела со текот на времето.
Видео-материјалите кои навидум наликуваат на претходно изрежиран цртан филм дозволуваат директно и непосредно да се набљудува интересниот уметнички и комуникациски процес, да се видат непланираните и непредвидливите резултати од соработката меѓу уметниците и да се почуствува истовременоста на процесот и резултатите.
Отворање на 17.05.2012 г. во 12 ч. до 31.05.2012 г./ пон-петок 9-19 ч.