Почитувани,
Ни претставува чест и задоволство да ве информираме дека на 7 декември 2022 година (среда), со почеток во 14 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, со пригодна свеченост ќе биде прославен патрониот и државен празник - Свети Климент Охридски и ќе се одбележи 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје, проектантско дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски (2.3.1929 - 8.8.2022).
На свеченото одбележување ќе присуствуваат заменик министерот за култура г. Даим Лучи, како и претставници на дипломатскиот кор.
Прославата ќе започне со изведба на државната химна од страна на хор при Музичкиот факултет во Скопје, а потоа поздравен говор до присутните ќе има директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи, кој ќе им додели благодарници за особен придонес и поддршка на институцијата на министерката за култура, амбасадите на Народна Република Кина и на Кралството Шпанија, како и на донаторите „НЛБ Банка“, „Кроација осигурување“, „КС сервис“, Меѓународни училишта „Нова“ и на „Светот на Биби“.
Во вториот дел од свеченоста, проф. д-р Митко Панов ќе има беседа за Св. Климент Охридски, потоа проф. д-р Минас Бакалчев ќе има реч за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, а Бојана Муличкоска од име на семејството ќе зборува за проф. Петар Муличкоски.
Свеченоста ќе продолжи со доделување на наградите „Библиотека на годината“ за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело“ од страна на Библиотекарското здружение на Македонија, како и на традиционалните награди на вработените кои одбележуваат јубилејни годишнини во НУБ „Св. Климент Охридски“ и на вработените кои се пензионирале во текот на 2022 година.
На крајот на прославата ќе биде отворена изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, дело на архитектот Петар Муличковски и на изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.
Во рамки на свеченоста, настап со изведба на повеќе музички композиции ќе имаат и неколку инструменталисти од Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Порака од г-а Одре Азуле, генерaлeн директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право 23 април 2022
Книгите, уште одамна, ја отелотворуваат човечката способност за создавање светови, и реални и замислени, давајќи глас на различните човечки искуства. Тие ни помагаат да споделуваме идеи, да добиеме информации и да поттикнеме восхит за различни култури, овозможувајќи далекосежни форми на дијалог меѓу луѓето низ просторот и времето.
Непобитен е потенцијалот на книгите да му дадат чувство на исполнетост на човека и да создадат општествени промени. Според зборовите на познатата нигериска авторка Чимаманда Нгози Адичи: „Да се избере да се пишува значи да се отфрли тишината“.
Ова е причината зошто УНЕСКО е одлучно посветена на промовирање на пристапот до книгите и читањето – на пример, преку нашата програма Светска престолнина на книгата. Во 2022 година, мексиканскиот град Гвадалахара го презема називот Светска престолнина на книгата, со едногодишна програма којашто се фокусира на улогата на книгите и читањето во поттикнувањето општествени промени, борбата против насилството и градењето култура на мир.
Во моментов, и покрај важноста на книгите за одржување на социјалната благосостојба, издавачката индустрија се соочува со големи пресврти – пред сè, со дигиталната трансформација. Овие предизвици станаа навистина јасни за време на КОВИД-19, кога падот на приходите ја зголеми ранливоста на авторите и на продавачите на книги, како и на другите креативни професионалци низ синџирот на вредност. Исто така беше загрозена и културната разновидност, бидејќи бројот на објавени наслови неизбежно се намали.
Во несигурни времиња, мораме да ги цениме и браниме книгите како симболи на надеж и дијалог. Тоа значи да се солидаризираме со професионалците коишто го шират нашето книжевно наследство – писатели, уредници, издавачи и преведувачи. Овие професионалци, додека градат мостови меѓу континентите и културите, мора да бидат заштитени и да се признае нивната вредност.
УНЕСКО е цврсто посветена на оваа цел. Во време кога дигиталната технологија ја менува издавачката индустрија, ние се залагаме за правичен надомест за авторите и за заштита на културната разноликост. Ја поддржуваме работата на издавачите преку активности како што се партнерства со Меѓународниот форум на автори, Меѓународната федерација на библиотечни здруженија и институции и Меѓународната асоцијација на издавачи.
На Светскиот ден на книгата и авторското право, ги повикувам сите партнери на УНЕСКО да ја споделат пораката дека книгите се сила со којашто може да се справиме со современите предизвици, да ја разбереме политичката и економската реалност и да се бориме против нееднаквостите и дезинформациите. Раскажувањето приказни е неверојатно ефикасна алатка кога станува збор за едукација на помладите генерации.
Навистина, книгите се витални средства за пристап до пренесување и промовирање на образованието, науката, културата и информациите ширум светот. Поради оваа причина, секоја година, на 23 април – датум што го означува заминувањето на тројца големи автори на светската литература, Мигел де Сервантес, Вилијам Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега – ја славиме нивната волшебна моќ да поттикнат иновации, да генерираат знаење и да го сменат начинот на мислење.
DG/ME/ID/2022/19 - Оригинал: англиски