ISBN

Што е ISBN

ISBN систем (International Standard Book Number) е Меѓународен систем за идентификација на секоја пооделна книга (монографска публикација) со помош на бројки.

ISBN е единствен и незаменлив број кој се однесува само за еден наслов, односно за неизменето издание на еден ист наслов од ист издавач.

ISBN се доделува на публикациите под контрола на Меѓународната Агенција за ISBN во Лондон.

Какви податоци содржи ISBN

ISBN е составен од префиксот "ISBN" и број од тринаесет цифри, распоредени во пет целини/групи, кои се меѓусебно разделени со цртичка или проред, според следниот редослед:

  • Првата група на цифри претставува префиксниот елемент 978 кој се добива според EAN International;
  • Втората група на цифри ја означуваат националната, географската или јазичната целина;
  • Третата група на цифри се однесува на издавачот во рамките на првата целина;
  • Четвртата група на цифри е идентификационен број на конкретниот наслов на публикацијата што ја издава еден одреден издавач;
  • Петата група е еднозначен контролен број.

Пример: Книгата "Linear and Nonlinear Models" што е објавена од Walter de Gruyter во Берлин ја има следнава ознака:

ISBN 978-3-11-016216-5

978 - префикс на ISBN
3 - меѓународен број за германско јазично подрачје
11 - ознака за издавачот (издавачки код/идентофикатор)
016216 - ознака за насловот
5 - контролен број

Означувањето на секоја книга си ISBN, која се вклучува во Меѓународната автоматизирана база, овозможува да се утврди:

  • државата или јазичната целина во рамките на која е објавена книгата
  • назив на издавачот на публикацијата
  • насловот на публикацијата, свеската и изданието

Должината на ISBN ознаката за издавачот (издавачки код/идентофикатор) се пределува според обемот на неговата издавачка продукција: издавачи со поголема продукција добиваат покуса издавачка ознака/код, а оние со помала издавачка продукција добиваат подолга издавачка ознака/код.

Кој доделува ISBN во Република Македонија

Агенцијата за ISBN на Република Македонија, која доделува во рамките на Националната и униварзитетска библиотека „Св. Климент Охродски“ во Скопје, ги доделува ISBN ознаките за издавачите во нашата земја.

Кои публикации добиваат ISBN

ISBN по правило добиваат:

  • печатени книги и брошури
  • публикации на Brailleово писмо
  • публикации кои од страна на издавачот не се одредени редовно да се ажурираат или бескрајно продолжуваат
  • атласи и карти
  • образовни/инструктивни филмови, видеа и објави
  • аудио книги на касети, CD, DVD
  • електронски публикации во цврста форма (машински читливи ленти, CD-ROM) или на Интернет
  • микроформни публикации
  • едукативно-инструктивни софтвери
  • мултимедијални публикации (основа е текст)

ISBN по правило не добиваат:

  • весници и списанија
  • музикалии
  • сепарати од списанија
  • графички листови и графички мапи без насловна страница и текст
  • рекламни материјали (каталози за продажба, каталози на книги и уметнички каталози без библиографска вредност, производни програми, ценовници, проспекти, упатства за употреба, технички упатства, покани)
  • плакати, ѕидни весници и летоци
  • театарски, концертни и други програми за приредби
  • каталози за изложби без подолг текст
  • наставни програми и школски планови за работа и планови на други образовни институции, извештаи и други школски материјали во облик на ракопис или печатени
  • разни видови џепни календари, роковници
  • обрасци, формулари, уписни листови
  • музички касети и плочи и сл.
Неколку упатства за доделување на ISBN

ISBN се доделува на првото издание на секоја книга и на секое наредно издание на истата книга, ако има измени во текстот, повезот или форматот.

Нов ISBN број не се доделува на ново неизменето издание, односно препечатено со ист формат од истиот издавач.

ISBN ознаката доделена еднаш на еден наслов не смее да се користи за друг наслов.

ISBN може да имаат и публикации во повеќе свески при што целината (серијата) ќе има една ISBN ознака, а секоја поединечна свеска уште една, сопствена ISBN ознака, во рамките на целината (серијата). Во тој случај на секоја свеска се наведуваат и двата броја.

Комплетите составени од два или повеќе дела на различни или исти медиуми добиваат како целина еден заеднички ISBN и секој поединечен дел свој ISBN.

Ако публикацијата има два или повеќе издавачи, секој од нив го наведува својот ISBN, односно таквата публикација има две или повеќе ISBN ознаки.

Во публикацијата која е превод се наведува ISBN на преводот и ISBN на изворното издание.

Каде се печати ISBN

Издавачот ISBN мора да го отпечати на видно место:

  • пред или после CIP записот
  • на последната корица од надворешната страна во долниот десен агол (со или без BAR CODE)

Пред бројот задолжително стои меѓународната кратенка ISBN.

Предности на ISBN

На издавачите им препорачуваме да се вклучат во општиот Меѓународен систем за означување на публикации заради: поедноставна и подобра идентификација на своите публикации, подобра евиденција на издавачката дејност, а пред се за меѓународната размена на податоци.

Со доделувањето на ISBN сте застапени во Меѓународниот именик на издавачи кои користат ISBN (Publishers International ISBN Directory) што го издава Меѓународната Агенција за ISBN во Лондон и сте обврзани ISBN да го употребувате во согласност со меѓународните препораки.

Освен издавачите, ISBN го користат и библиотеките, книжарниците и поединците при: увоз/извоз, обработка на нарачки, евиденција на преднарачки, фактурирање, складирање и инвентарирање, меѓубиблиотечното позајмување.

Лице за контакт:

Оља Стојкова
тел: (02) 3115-177, лок. 137
e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Контакт

 
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566
Скопје
Република Македонија
 
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
 
+389 2 3115 177
 
+389 2 3226 846